Туризмот во Македонија е една од основните причини поради која илјадници посетители во изминатиот период го посетиле нашиот павилјон во рамки на ЕКСПО 2020 Дубаи. Сите заинтересирани биле воодушевени од природните убавини и богатства на нашата земја, открива генералниот комесар на Република Северна Македонија – Бекри Ајдини, во интервју за „Локално“.
„Претставена е како атрактивна туристичка дестинација во сите четири сезони, дестинација која нуди можности за авантуристички спортови и највкусна храна, а сѐ се прикажува преку видео материјали. Воедно, посетителите имаат можност да се запознаат со карактеристичните животни за нашите простори, балканскиот рис и златниот орел кои се изложени на павилјонот, како и од нашата богата култура и традиција претставена преку традиционалните носии и старите артефакти автентични за нашата земја“, вели Ајдини.
Тој истакнува дека е задоволен од начинот на кој државава се презентира како успешна приказна и земја со богато историско и културно наследство каде во хармонија живеат различни етнички заедници. Вели дека посебен акцент е ставен на презентирањето на земјава како дестинација на можности за странски инвестиции, бизнис поволности и економска и трговска соработка. Со дополнителни панели се претставени и слободните економски зони, можностите за соработка во земјоделството, енергетиката и сл.
Ајдини посочува дека во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ постои одлична соработка помеѓу нашиот и павилјоните на Србија и Албанија.
„Пред неколку дена имав средба со претседателот на Стопанската комора на Србија – Марко Чадеж, кој беше во посета на нашиот павилјон. Ги разгледавме можностите за соработка, како и искористување на нашите можности и простории за поддршка и помош на бизнис компаниите од нашите земји, со цел подобро преставување пред партнерите од Обединетите Арапски Емирати, но и пред целиот свет“, посочи Ајдини.
Стопанствениците од Македонија и Албанија ја прифатија понудата на Српската стопанска комора бесплатно да го користат Бизнис хабот на Србија.
„Ова е дел од заедничката иницијатива ‘Отворен Балкан’ и само на овој начин можеме да станеме посилни“, порачал Чадеж.
Како што пренесува „Локално“, земјава ќе биде во центарот на светската јавност на 22-ри февруари 2022 година, кога во рамки на ЕКСПО 2020 Дубаи ќе се одржи централна културна манифестација и бизнис форум за промоција на инвестициските можности.
На оваа светска изложба, инаку една од најголемите во светот, учествуваат над 190 земји, а се очекуваат над 25 милиони посетители.
Извор: Локално.мк