Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчеравечер во галеријата „ОЗоне“ во Белград, во присуство на многубројни гости, меѓу кои и српскиот министер за култура Никола Селаковиќ, екселенции и претставници на македонската дијаспора, ја отвори изложбата „Мостови на уметноста: Вевчани – Белград“, која е во организација на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“.
Изразувајќи задоволство што присуствува на отворањето на изложбата на дела од познатата „Вевчанска колонија“, министерот Љутков нагласи дека станува збор за посебен културен настан кој не само што ги спојува Вевчани и Белград, туку и ги поврзува уметниците, идеите и инспирациите кои ги надминуваат границите.
„Вевчанската колонија е ликовна рефлексија на нашата богатата македонска изворна традиција, која со љубов ја чуваме за идните генерации. Од скромните почетоци пред петнаесет години, неуморните вевчански уметници создадоа мост кој поврза повеќе земји во регионот и светот“, нагласи министерот Љутков, потенцирајќи дека оваа изложба е моќен аргумент за важноста на културните врски меѓу нашите народи и потврдува дека културата е вистински мост за меѓусебно разбирање.
Министерот Љутков дополни дека оваа изложба е уште еден израз на меѓусебно почитување и разбирање, чин на културна дипломатија што е од непроценлива важност за идните процеси во унапредувањето на односите во културата, туризмот, во политичката и во економската сфера. Македонскиот министер за култура и туризам упати благодарност до својот српски колега Селаковиќ, до македонскиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчевски, како и до претседателката на Националниот совет на Македонците во Србија, Зорица Митровиќ, за учеството на овој значаен културен настан, кој се одржува во пресрет на Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври.
На изложбата „Мостови на уметноста: Вевчани – Белград“ се претставени уметнички дела од над 25 македонски и српски уметници, кои преку својот творечки израз го доловуваат духот на заедништвото, дијалогот и креативната енергија што ја поврзува уметноста во овие две држави. Изложбата е резултат на долгогодишната успешна соработка меѓу уметничките заедници на двете земји, поттикната од Министерството за култура и туризам и амбасадите на двете држави.