Љубовта меѓу атрактивната колумбиска пејачка Шакира и познатиот фудбалер на Барселона Жерард Пике, чиј плод е неодамна роденото момче Милан Пике Мебарак започнува на светското фудбалско првенство во 2010 година во ЈАР.
Токму тогаш, за првпат во фудбалската историја Шпанија го освојува првенството на чие отворање настапуваше Шакира со хитот Waka, waka.
Уште во јануари 2010г. Шакира го објавува раскинувањето со нејзиното долгогодишно момче Антонио де ла Руа (нивната врска траеше речиси 11 години), а како причина за тоа ја наведува разликата во карактерите и несовпаѓањето на темпераментите.
Во март, истата година, Шакира на нејзиниот твитер профил поставува слика со славниот фудбалер под која стои “Ви го претставувам моето сонце”. Од тој момент сите светски медиуми без прекин ја следат нивната љубовна приказна. На почетокот, папараците понудиле награда од 200 000 долари за каква било документарна потврда за заемните емоции меѓу двајцата славни.
Всушност, Шакира и Пике не се срамеа да ги демонстрираат чувствата што беше повод многу набргу нивниот прв јавен бакнеж да освои многу насловни на таблоидите.
Галсините за нивната разделба поради наводното неверството на Пике, како и разликата од 10 години, кои се појавија пред една година не беа доволни да ја нарушат нивната хармонична врска.
И двајцата се родени на 8 февруари, а минатата година родендените ги прославија заеднички во домашен амбиент, по што се појавија првите гласини за нивната венчавка. Многу набргу по тоа Шакира изјави “Денес сум сосема нова – и како пејачка и како жена. Мојот живот, мојата кариера, мојата љубов не се како претходно. Јас сум променета, јас сум посреќна од било кога!“
19 септември е денот кога на нејзиниот фејсбук профил осамна веста за нејзината бременот, а по кратко време Пике ја објави ехо-снимката од идното новороденче. Следни се разголените фотосесии на љубовната двојка од кои голем дел се и дел од хуманитарни акции.
На 22 јануари 2013 година во една од клиниките во Барселона доаѓа на свет малиот Милан Пике Мебарак чие име во превод значи мил, сакан и великодушен. Никој не се сомнева во нивната посветеност како родители, а нивните фанови и натаму ја очекуваат свадбената церемонија.