Брендан Роџерс не ја крие желбата да го доведе Тео Волкот во редовите на Ливерпул, па стратегот на „Црвените“ е првиот што испрати официјална понуда до Арсенал за услугите на англискиот репрезентативец.
Како што е веќе познато, договорот на Волкот со „Топчиите“ истекува на крајот од сезонава, па Арсен Венгер ќе мора да го продаде овој фудбалер во јануари за да не се стави во ситуација да го пушти да си замине без никаква отштета во јули.
Волкот веќе ја одби понудата вредна 94.000 евра неделна плата, барајќи статус на стандарден првотимец, но како централен напаѓач, а не крилен фудбалер.
Роџерс е подготвен да му ги гарантира двете работи на англискиот ас, сѐ со цел да го убеди да се пресели во Ливерпул, без оглед на слабите резултати на „Црвените“ во последните неколку години. Првата понуда во висина од десет милиони евра е веќе испратена, но јасно е дека преговорите нема да бидат експресно завршени, со оглед на фактот дека Арсенал ќе почека да види колку ќе понудат останатите заинтересирани клубови.
„Топчиите“ во 2006 година платија 15,6 милиони евра за да го доведат тогаш тинејџерот Волкот од Саутемптон, па јасно е дека сега Арсен Венгер ќе се обиде барем да ја врати таа сума од продажбата на англискиот репрезентативец.
Ливерпул е во очајничка потрага по нов напаѓач откако летоска не беше доведена замена за Енди Керол, а стратегот Роџерс се надева дека оваа дупка во тимот ќе биде пополнета со Волкот, кој што би формирал фантастично трио заедно со Суарез и младиот Стирлинг.
Сепак, останува да се види дали оваа желба на Роџерс ќе биде исполнета, со оглед на фактот дека интерес за Волкот веќе искажаа и Челзи и Манчестер Сити, како и италијанскиот првак Јувентус.