Денес Лион има над 150 насликани мурали. Но љубовта на градот кон овој тип на улична уметност почнува уште во раните 1970-ти, кога група локални студенти решаваат да ја изнесат уметноста од галериите и музеите и да ја „истурат“ по улиците, на дофат на обичните луѓе. И така, од тие студенти, во 1978 година, се раѓа движењето CitéCréation.
Во тоа време Лион бил прилично мрачен град – индустриски, загаден и тажен. Многу среќна околност за CitéCréation било што и тогаш новиот градоначалник – Мишел Ноир го мислел истото.
Ноир решил да го разубави и осветли градот преку низа програми за расчистување и оживување на старите историски згради и јавните простори и плоштади. Така и ќе му се вкрсти патот со CitéCréation, на право место и во право време. Резултатот е овој Лион што ќе го видите во продолжение.
Инаку, за создавањето на мурали/слики од вака големи пропорции, уметниците прво мораат да ја поделат сликата во помали полиња. Секое поле е внимателно планирано, а сликата се проектира на ѕидот. Контурите се поставуваат со помош на хартиен шаблон, а потоа следи боењето. За секој мурал потребни се два до девет месеци работа.
Денес CitéCréation сликаат низ цел свет (од Канада па до Кина), не само во Лион. Имаат насликано над 650 мурали. Интересно е што 80% од движењето се жени.