„Линијата што избледнува: Приказни на работ на легалноста“ на уметникот Албан Муја во МСУ до крај на август

До крајот на август во Музејот на Современа Уметност (МСУ) е поставена самостојната изложба „Линијата што избледнува: Приказни на работ на легалноста“ на уметникот Албан Муја, претставник на Павилјонот на Република Косово на 58-то Венециско биенале.

Куратор на изложбата е Владимир Јанчевски.

Муја и е познат на македонската јавност и преку меѓународната групна изложба „Сè што ни заедничко“ во 2018 година, курирана од Јованка Попова и Мира Гаќина (МСУ-Скопје), како и со неговата прва самостојна изложба „Именување“ во 2014 година, курирана од Јанчевски (SIA – Агенција за сериозни интереси, Скопје).

Изложбата на Муја во МСУ-Скопје прикажува избор од неговите дела во периодот од 2016 до 2023 година. Авторот го отсликува и коментира современото општество и тешкотиите во многу специфичен геополитички контекст. Употребувајќи критичка позиција во комбинација со иронија и духовитост, делата се справуваат со горчината на геополитичкиот, општествениот и уметничкиот систем. Имплицирајќи поглед и збир на структурни односи, географски и територијални, уметникот го свртува вниманието кон народите од овој регион – дома, како и во нивните заедници во странство, традиционално вкоренети во градежните работи, феноменот на мигрантскиот труд и проблемот да се биде лишен од социјални алатки, економска и правна сигурност.

Уметничката практика на Муја истражува различни аспекти на структурите, кои ги дефинираат националните, идеолошките, идентитетските и егзистенцијални прашања, кои не се толку очигледни. Некои од проектите на Муја се фокусираат на нетипични згради, како што се скромните семејни куќи, кои неконтролирано се издигнуваат над покривите. Навлегувајќи во анализирање на овој неконвенционален градски пејзаж и урбаната стагнација и контурите кои се развиваат, Муја создава мапа на градот, којашто истовремено сведочи за потфрлањето на системот, како и за индивидуалниот „креативен“ пристап кон проблемот.Во динамичен свет кој е дефиниран со постојана промена, феноменот на нашите општества заглавени се во навидум бескрајна транзиција. Граници, бариери, ѕидови, видливи и невидливи, градење, изградба, обнова, дупки и рабови во законот, или на друго место, транзиција, трансформација, надминување, сѐ се тоа работи што нè опишуваат и одредуваат.

- Реклама -