Либански министер: Ќе бидеме во тешка позиција ако Хезболах продолжи да се коцка

Бројот на загинати во денешните напади на Израел во Либан се искачи на најмалку 492, соопшти либанското Министерство за здравство. Меѓу загинатите има 35 деца и 58 жени. Најмалку 1 645 лица се повредени

Либан ќе биде во многу тешка позиција ако Хезболах продолжи да се коцка во конфликтот со Израел, изјави министер од либанската влада за Скај њуз.

Како што расте стравот од ескалација, министерот за економија Амин Салам, кој како член на либанската влада не ја претставува шиитската милитантна група Хезболах, поддржана од Иран, рече дека Либан е веќе „во центарот на бурата“ и дека се случува војна со потенцијално страшни последици.

Либанскиот министер за економија Амин Салам
Фото: EPA-EFE/WAEL HAMZEH

„Потребна е одлука, дали сакаме да го вовлечеме Либан во понатамошна ескалација и мизерија или сакаме да донесеме мудра одлука. Многу е јасно дека ако решиме или ако Хезболах одлучи да преземе голем ризик и да се коцка повеќе во оваа војна, ќе платиме многу висока цена што ќе го стави Либан во многу тешка позиција и ќе бидат потребни многу, многу години да се вратиме на старо“,

предупреди Салам, веројатно мислејќи на натамошната ескалација на конфликтот.

Тој посочи дека економијата на земјата е во ужасна положба со десетици илјади луѓе кои бегаат во потрага по засолниште.

Бројот на загинати во денешните напади на Израел во Либан се искачи на најмалку 492, соопшти либанското Министерство за здравство. Меѓу загинатите има 35 деца и 58 жени. Најмалку 1 645 лица се повредени. 

Израелската војска соопшти дека денеска ги извршила најинтензивните воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан од 2006 година, при што загинаа стотици луѓе. Според израелската војска, погодени се повеќе од 1 000 цели на либанската милитантна група Хезболах во јужен Либан и долината Бека во источен Либан.

Египетското Министерство за надворешни работи синоќа го повика Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), како и другите меѓународни фактори на итна интервенција за да се стави крај на, како што се вели, опасната израелска ескалација во Либан, пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ). 

Станува збор за најсериозната ескалација на тензиите на Блискиот Исток откако Хезболах и израелската војска почнаа со секојдневна размена на оган преку границата со Либан по почетокот на војната во Газа пред речиси една година.   

- Реклама -