LG Watch Urbane и новата WebOS се тука

Денеска LG претстави нешто ново и интересно на Светскиот мобилен конгрес во Барселона. Тоа се паметните часовници LG Watch Urbane кои имаат со што да ве заинтригираат.

На сликата погоре е Urbane LTE, што значи точно она што мислите – паметен часовник со LTE конекција. Куќиштето му е стандардно, а трите контролни копчиња од страната исто личат на оние кај обичен часовник, но тоа не е најинтересното. Направата може да биде употребена за пишување пораки и спроведување на повици апсолутно автономно – нема потреба да е поврзан со смартфон. За целта сепак ќе ви треба втора SIM картичка со посебен мобилен план.

Покрај сето ова, часовникот поседува неколку фитнес апликации. Сите тие, заедно со оперативниот систем на часовникот, се развиени од LG.  Уредот доаѓа со последната верзија на WebOS базиран софтвер. Искуството дефинитивно ќе биде различно од она со стандардниот Android Wear .

lg-watch-urbane

Ова пак на втората слика е LG Watch Urbane – повообичаената верзија на овогодинешниот паметен часовник од LG. Како што гледате, изгледот му е стандарден – вклучува само едно копче и многу елегантен ремен. Уредот е насочен повеќе кон фановите на класичните часовници, со тоа што можете да ги менувате стрелките и секундарното бирање. Телото пак е од нерѓосувачки челик.

Различно помеѓу двата часовници е тоа што овој нема сопствена конекција. LG тука се заложиле на нешто навистина стандардно и софтверот во овој модел е Android Wear.

LG Watch Urbane LTE се очекува на пазарот во Јужна Кореја за околу два месеца, а Watch Urbane до месец во САД и Европа. Цените не се објавени.

- Реклама -