Левица и ВМРО-ДПМНЕ со различни верзии за инцидентот во Собранието

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ на прес-конференција обвини дека пратеникот Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ на седницата упатил пцости кон претседателот на неговата партија Димитар Апасиев

Со реакција се огласи и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој во објава на Фејсбук го оцени како недолично, безобразно и срамно однесувањето во Собранието, на претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев

По денешната собраниска седница на која за малку беше избегната физичка пресметка помеѓу пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ попладнево со реакција и обвинувања се јавија нивните партиски колеги кои изнесоа различни видувања на инцидентот.

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ на прес-конференција обвини дека пратеникот Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ на седницата упатил пцости кон претседателот на неговата партија Димитар Апасиев. 

Според Мециновиќ, пратеникот Зоранчо Јованчев не и е познат на јавноста и на дел од пратениците, но како што вели, за него има две кривични пријави. Едната, како што рече Мециновиќ, е за дивоградба во Лозово, а другата е за крадење на вода, за див приклучок.

„Значи, се работи за дерегулирани луѓе кои во Собранието гледаат простор, не за политичка дискусија, туку за малограѓански сценарија. Така беше и со пратеникот Александар Велјановски кој заедно во комбинација со него, пробаа насилнички да изведат сцена со која ќе избегнат одговори на прашањата на Левица“,

рече Мециновиќ. 

Со реакција се огласи и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој во објава на Фејсбук го оцени како недолично, безобразно и срамно однесувањето во Собранието, на претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев.

„Очигледно, комплексите, нервозата и агресијата, домашното невоспитание и недостигот на основна култура, денес ја доживеа својата кулминација. Неконтролираниот излив на физички и вербален бес и навреди на лицето Димитар Апасиев кон колегите пратеници, мажи и жени, беше само уште еден очаен обид на таканаречениот ‘универзитетски професор’ да ја задоволи својата жед за медиумско внимание и ‘лајкови’ на социјалните мрежи“,

напиша Мицевски на својот профил.

Според пишувањето на Мицевски, со ваквото однесување „целата македонска јавност, во живо на собранискиот канал, имаше можност да види и да се увери во вистинското лице на Димитар Апасиев и начинот на кој што нивната ‘фејсбук’ партија делува, размислува и се однесува“.

Тој вели дека не бара и не очекува да има јавно извинување за постапката од човек, како што рече, што нема основни човечки вредности и достоинство.

„Но барем, очекувам да се покае и извини до сите жени, мајки, сестри, сопруги и девојки кои денеска тој, индиректно најбрутално ги навреди и понижи. На крајот би упатил порака со надеж и желба, овој срам никогаш да не се повтори!“,

пишува Мицевски. 

Инцидентот настана кога пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, од собраниската говорница едно од пратеничките прашања му го постави на премиерот Христијан Мицкоски, иако во писмото до собранискиот спикер најавил дека прашања ќе поставува единствено до министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Прашањето што му го постави на премерот беше – со што ексминистерката за одбрана Радмила Шекеринска ја заслужила поддршката на Владата и на претседателката на државата да биде во висока позиција во НАТО.

По Исмаил, од собраниската говорница со процедурална забелешка се јави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој обвини оти пратениците од Левица ја злоупотребуваат новата алатка – поставување пратенички прашања од опозицијата, која е различна од редовните пратенички прашања.

Следуваа процедурални излагања на координаторот на Левица, Борислав Крмов, и на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кои ги толкуваа одредбите од Деловникот во врска со новиот тип седници за пратенички прашања.

Ситуацијата ескалира кога пратеникот Апасиев од место почна да дофрла, да упатува пцовки и да замавнува кон пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Со повишен тон кон нив извикуваше да не го споменуваат неговото семејство.

- Реклама -