Лејкерс не можат да победат ни со 40 поени на Брајант

Ниту 40 поени на Коби Брајант не беа доволни кошаркарите на ЛА Лејкерс да ја совладаат Индијана во НБА лигата. Пејсерс во „Стејплс центарот“ во Лос Анџелес ги совладаа „Езерџиите“ со 79:77.

Изминатава ноќ во НБА лигата беа одиграни уште четири натпревари во кои победи забележаа Филаделфија, Феникс, Хјустон и Минесота.

Со кошот на Џорџ Хил преку Двајт Хауард во последната секунда Индијана ги совлада Лејкерси и покрај 40-те поени на грипозниот Коби Брајант кој претходно, пак, погоди тројка на 24,5 секунди до крајот.

Пејсерс водеа во поголемиот дел од средбата преживувајќи го последниот „удар“ на Лејкерс на кои ниту промената на тренерот не им донесе многу.

Хил со 19 поени беше најефикасен во редовите на Индијана, а Дејвид Вест дополни уште 16, заедно со 10 скока и осум асистенции. На Брајант единствена поддршка му беше Двајт Хауард со 17 поени, додека сите останати беа очајни.

По пет едноподруго порази, Минесота конечно забележа победа од 97:89 во Сакраменто. Кевин Лав постигна 23 поени со 24 скока (НБА рекорд оваа сезона), Пековиќ уфрли 16 поени, додека Риднур постигна 18 поени.

- Реклама -