Лефков: Фрчкоски е грдото лице на владеењето на СДСМ и ДУИ

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера потврди дека македонскиот амбасадор во ОН во Њујорк, Љубомир Фрчкоски, е повикан на консултации, притоа не наведувајќи ги причините за ваквиот потег

На одговорност за тоа како ја извршувал својата должност треба да биде повикан секој, без разлика за кој човек се работи или на функција бил, вели пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ прашан како го коментира потегот на МНР, кое го повика на консултации македонскиот амбасадор во Обединетите нации, Љубомир Фрчкоски.

Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

Одговарајќи на прашањето, Лефков оцени оти Фрчкоски е „грдото лице на владеењето на СДСМ и ДУИ“.

„Од тоа што можевме во јавноста да го видиме, гледаме дека како амбасадор на Македонија уживал во удопствата кои му ги обезбедил Зоран Заев со именувањето, а во исто време нема отчет како се трошеле народните пари, односно парите биле трошени на непознат начин“,

рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера потврди дека македонскиот амбасадор во ОН во Њујорк, Љубомир Фрчкоски, е повикан на консултации. Не ги соопштија причините за ваквиот потег.

Според извори во МНР на кои се повикува, ТВ Канал 5 завчера објави дека Фрчкоски е повикан на консултации во Министерството поради финансиски малверзации – затајување материјални средства од сукцесија на објекти, трошење финансии спротивно на правилниците на работа на дипломатско-конзуларните претставништва, и непостапување по добиените насоки кои во изминатиот период ги добивал од МНР.

Љубомир Фрчкоски замина како амбасадор на земјава во ОН во март 2022 година откако тогашниот претседател Стево Пендаровски го потпиша указот за негово заминување во мисијата. Фрчкоски, сепак, не успеа да ја презентира својата платформа пред собраниската Комисија за надворешни работи бидејќи тогашниот комисиски претседател Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, во најмалку два наврати, не закажа седница на Комисијата.

- Реклама -