Лефков: Дрин Ахмети незаконски заработил милионски суми под закрила на Крешник Бектеши

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, доколку Бектеши и владата на СДСМ и ДУИ постапеле по закон, фирмата на Ахмети немало да добие над осум милиони денари од тендерите

Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков / ФОТО: ВМРО-ДПМНЕ

Дрин Ахмети преку „Еверест ЏД“ експлоатирал минерални суровини повеќе отколку што пријавил и платил на државата, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, Ахмети бил под закрила на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши и наместо да се соочи со санкција и одземена дозвола тој продолжил да работи и да ниже милионски тендери.

„Затоа што Бектеши не му ја одзел концесијата на Дрин Ахмети, иако требал и морал, тој сепак продолжил да работи и како таков добивал тендери. Имено фирмата се јавува како носител на договори за јавни набавки во државните институции АД ‘ЕСМ‘ во вкупен износ од 7 670 000 денари со вклучен ДДВ и договор за јавна набавка кај ЈКП ‘Водовод и канализација‘ од Прилеп во вкупен износ од 944 000 денари со вклучен ДДВ“, р

ече на денешната прес-конференција пратеникот Миле Лефков кој е и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Лефков, доколку Бектеши и владата на СДСМ и ДУИ постапеле по закон, фирмата на Ахмети немало да добие над осум милиони денари од тендерите.

„Власта на СДС и ДУИ и нивните луѓе во Министерството за економија знаеле дека концесионерот не доставувал геодетски елаборати со пресметка на откопаните количини на минерални суровини, предвидена во член од Законот за минерални суровини, како и дека не вршел исплата на концесиските надоместоци утврдено со склучениот договор, и покрај тоа му овозможиле на фирмата на Ахмети да ги користи придобивките од концесијата и непречено да остварува приходи“,

додаде Лефков.

Лефков посочувајќи дека ова е начинот на кој институциите не работат за граѓаните, туку за елитите на власт, додаде дека ќе треба да има одговорност за секоја направена нерегуларност.

Пред пет дена од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека поднеле кривични пријави против вкупно девет лица. Врз основа на прибраните докази од страна на единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран криминал, две лица кои биле директори на една иста кичевска фирма, но во различни периоди, се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353 од Кривичниот законик. 

Полицијата тврди дека фирмата копала варовник кај кичевски Зајас согласно концесиски договор, ама не уплаќала пари во државниот буџет согласно договорот. Така, според МВР, направиле штета од околу 27 000 евра на буџетот. МВР поднесе кривична пријава против двајцата директори на фирмата. Едниот, Б. А., бил директор на фирмата од 2008 до 2017 година. Другиот, Д. А., е директор на фирмата од 2017 година досега.

Упатени извори од МВР потврдија дека зад иницијалите Д. А. стои Дрин Ахмеди, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. По проверка на податоците во Централниот регистар бргу дојдовме до заклучокот дека станува збор за фирмата „Еверест ЏД“, каде што до 2017 газда и управител бил Бесиан Ахмети, а од 2017 досега и двете улоги ги презел неговиот брат, Дрин Ахмеди.

- Реклама -