Леброн најпосле со прстен (видео)

Мајами хит е новиот првак на НБА-лигата откако „жешките“ синоќа славеа со 121-106 над Оклахома Сити Тандер и со 4-1 во победи славеа во големото финале со лутиот ривал.

Со тоа, Леброн Џејмс го урна и епитетот на „вечен губитник на големи натпревари“ што стоеше зад неговото име во последните години, стигнувајќи до својата прва шампионска титула. Леброн на најдобар можен начин го предводеше својот тим до четвртиот триумф во низа, остварувајќи трипл-дабл од 26 поени, 11 скокови и 13 асистенции, со што уште еднаш беше незапирлив за кошаркарите на Оклахома Сити Тандер.

Тренерот на гостите, Скот Брукс, се реши за измена во тактиката и му даде задача на Харден да го чува Џејмс, за да не ризикува Дурент повторно да влезе во проблеми со личните грешки. Сепак, ваквата одлука се покажа како погрешна бидејќи „кралот“ Џејмс премногу лесно се справуваше со противничкиот кошаркар.

{youtube}EGb28nmeDhA{/youtube}

Ако Оклахома успееше да го запре Леброн тој лесно ги пронаоѓаше останатите кошаркари на Мајами, кои што го наполнија до врв кошот на Оклахома Сити. Најрасположен за шут беше Мајк Милер, кој погоди седум тројки од осум обиди за вкупно 23 поени и беше најголемо изненадување за гостите, со оглед на фактот дека беше сосема незабележлив на претходните четири меча од финалето.

„Ова е најсреќен ден во мојот живот. Сега сè добива смисла… Ми беше многу тешко кога заминав од Кливленд, тогаш решив да се преселам во Мајами во поход по првиот трофеј. Ланската сезона заврши со големо разочарување, но денеска можам да кажам дека сум го направил вистинскиот избор“ – изјави Леброн Џејмс, кој воедно беше избран и за МВП на финалето.

Тој додаде: “Оваа титула ми е најдрагоцено нешто во животот, а денешниот ден сигурно ќе го паметам до крајот на животот“.

- Реклама -