Изминатава ноќ беа одиграни осум натпревари во НБА лигата, а нови победи остварија Мајами, Оклахома, Бостон, Минесота, додека Детроит и натаму останува на нула.
Леброн Џејмс со 38 поени го водеше Мајами до победа над Хјустон од 113:110, додека Јута дури по три продолженија славеше над Торонто со 140:133. Бостон беше подобар од Чикаго со 101:95, а Детроит во последната четвртина остана без прва победа откако загуби од Оклахома со 92:90.
Највозбудливиот меч беше одигран во Канада каде Јута Џез дури по три продолженија стигна до победата. „Џезерите“ ги предводеше Пол Милсап со 34 поени и девет скока, а одличниот Ал Џеферсон дополни 24 поени со 17 скока. Демар ДеРозан го предводеше Торонто со 37 поени, додека Калдерон имаше 20 поени и одлични 17 асистенции.
Во дербито на вечерта Мајами Хит дури во финишот го скрши отпорот на Хјустон. Хит беше предводен од Леброн Џејмс со 38 поени, од кои дури 32 постигна во второто полувреме, а имаше и десет скока и шест асистенции. Крис Бош го следеше со 24 поени и десет скока, додека Двејн Вејд дополни 19 поени со седум асистенции и шест фатени топки.