Лажни вести… А со лажните деманти, шо прајме?

Владината служба мора да се извини, вели Жанета Трајкоска – директорка на Високата школа за односи со јавност, зборувајќи за демантот на владините претставници, пред сè ПР советникот Марјан Забрчанец, околу снимките од скандирањето „Северна“ на Мечкин Камен на прославата на Илинден.

Забрчанец тогаш на Фејсбук напиша дека снимките (а во тој момент свои снимки имаше објавено само контроверзниот портал „Инфомакс“) се срамна монтажа од центрите за дезинформација, иако самите снимки беа прилично уверливи, а подоцна се појавија и нови, од други извори, заедно со лични сведоштва од луѓе кои биле меѓу групата која скандирала „Северна“.

Во изјава за „Радио Слободна Европа“, Трајкоска вели дека, како читател, сè уште не може да утврди што точно се случило во Крушево.

„Ние излегуваме од еден долг период во кој бевме бомбардирани со лажни вести, спинови, манипулации и пропаганда и на многу работи реагираме ‘на прва’. Ако снимките се монтирани, тоа е срамота, но ако не се, тогаш владината служба мора да се извини. Не верувам дека демантот на владините претставници бил злонамерен, туку едноставно не им се верувало дека такво нешто може да се случи, вели таа и ги повикува да ја утврдат фактичката состојба… Ако се утврди дека навистина имало луѓе коишто скандирале ‘северна, северна’, тогаш, не навлегуваме во нивната психологија, но мораме да кажеме згрешивме, ѝ се извинуваме на јавноста. Во секој случај, доколку не се расчисти оваа ситуација до крај, тоа ќе остане како една дамка’, вели таа.

Но во меѓувреме, нема ниту реакција, ниту било какво извинување од Владата или владините претставници. Порталот „Инфомакс“ дури поднесе и тужба против Забрчанец (но и Петрит Сарачини), поради тврдењата дека нивните снимки биле монтирани. Новинарот на „ТВ21“ – Фуркан Салиу, пак, кој исто така објави свои снимки од скандирањето, смета дека Владата со овој чекор потфрлила во најавената борба против лажните вести уште на самиот почеток на истата. Целата статија, во која се наведени уште неколку примери на неодамншени „лажни вести“ и лажни деманти, како и целиот разговор со новинарот Салиу, прочитајте го ТУКА.

- Реклама -