„Ве известуваме дека денес е пријавена поставена лажна дневна паркинг-карта (ДПК) на која се злоупотребени дизајнот и логото на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“. На неа стои кју-ар код што треба да се скенира и да се изврши онлајн уплата, кој води кон веб-адреса што нема поврзаност со ЈП ПОЦ и е со цел преку измама да се извлечат парични средства“, велат од ПОЦ
На автомобили во Општина Центар била поставувана лажна дневна паркинг-карта (ДПК) на која биле злоупотребени дизајнот и логото на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) со цел измама и извлекување парични средства од граѓаните. Случајот бил пријавен во ПОЦ од каде што апелираат граѓаните да бидат внимателни и доколку забележат нешто сомнително, веднаш да пријават.
Во лажниот „налог за плаќање“ дневна паркинг-карта се наведува дека возилото било непрописно паркирано или немало валидна паркинг-карта, при што на граѓаните им се дава рок од осум дена да платат „казна“ од 300 денари. Во спротивно, се наведува на листот, ќе биде започната постапка за присилна наплата.
„Ве известуваме дека денес е пријавена поставена лажна дневна паркинг-карта (ДПК) на која се злоупотребени дизајнот и логото на ЈП ‘Паркинзи на Општина Центар’. На неа стои кју-ар код што треба да се скенира и да се изврши онлајн уплата, кој води кон веб-адреса што нема поврзаност со ЈП ПОЦ и е со цел преку измама да се извлечат парични средства. Ги замолуваме граѓаните да бидат внимателни и доколку забележат ДПК од овој тип веднаш да нѐ известат. Единствената веб-адреса за онлајн наплата на ДПК на претпријатието е https://users.poc.mk/PayDpk“,
велат од ПОЦ.
Од ПОЦ додаваат дека преземаат мерки за пријави до надлежните органи и информирање на јавноста со цел заштита на граѓаните.