Лани двојно зголемен бројот на претставки до КСЗД – во пораст дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет

Комисијата за антидискриминација, според нејзиниот претседател, се соочува со предизвици кои, како што кажа, се повторуваат во континуитет и не биле исклучок ниту минатата година. Тука, пред сè, како што посочи, станува збор за екипираноста на Комисијата, која работи со намалени човечки капацитети, лимитираниот буџет и континуираното прекршување на нејзината финансиска независност

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) бележи зголемување за повеќе од 100 отсто на бројот на поднесени претставки лани во споредба со претходната 2022 година, покажува Годишниот извештај на Комисијата за 2023 година кој беше презентиран денеска.

Сексуалната ориентација, родовиот идентитет, националната и етничка припадност, како и политичкото уверување остануваат најчестата основа за пријава на дискриминација, вели претседателот на Комисијата, Игор Јадровски.

Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) Игор Јадровски / Фото: Принтскрин

Според него, иако овие зголемениот број на претставки лажни можеби говори за зголемена видливост на Комисијата како адреса на која граѓаните бараат заштита на своите права, сепак степенот на запознаеност на граѓаните за надлежностите на КСЗД е низок.

„Комисијата работеше на 523 претставки, што е повеќе од 100 отсто зголемување во однос на претходната година, што веројатно говори дека Комисијата добива на видливост, дека граѓаните се поинформирани и дека институцијата можеби добива уште повеќе на доверба. Забележуваме тренд на поистоветување на истите области на дискриминација од претходната година, па така медиумите, јавното информирање, работата, работните односи, образованието и пристапот до добра и услуги, во 2023 година, исто како и во 2022 година, остануваат најчести области во кои што се пријавува дискриминацијата“,

рече претседателот на КСЗД.

Во споредба со 2022 година, како што посочи Јадровски, Комисијата бележи тренд на намалување на дискриминацијата врз национална и етничка припадност, меѓутоа во пораст се случаите на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.

Јадровски се осврна и на предизвиците со кои се соочува Комисијата, а кои, како што кажа се повторуваат во континуитет и не биле исклучок ниту минатата година. Тука пред се, како што посочи станува збор за екипираноста на Комисијата, која, според директорот работи со намалени човечки капацитети, лимитираниот буџет и континуираното прекршување на нејзината финансиска независност.

Во овој контекст тој упати апел до Собранието и другите надлежни институции да имаат повеќе слух за предизвиците со кои се соочува Комисијата.

„Апелирам пред се Собранието, кое што го гласа буџетот, меѓутоа и останатите надлежни институции да имаат слух за нашите предизвици. Комисијата иако имаше квантитативно и квалитативно повеќе работа во 2023 година во споредба со 2022 година, работевме со намалени човечки капацитети во 2023 година. Комисијата се уште останува со прилично лимитиран буџет и континуирано се прекршува финансиската независност на Комисијата. Сè уште континуирано би рекол дека се прекршува онаа финансиска независност на Комисијата, односно располагањето со буџетот што директно е во колизија со законската постапка на Комисијата како независно тело“,

изјави Јадровски.

Во периодот што следи, претседателот на КСЗД рече дека сакаат да бидат поактивни во областа на образование, преку вклученост во работните групи за најстратешките закони коишто во моментов се во изработка.

„Апелирам Комисијата да биде вклучена во работната група за изработка на законот за средно образование и за законот за учебници. Воедно во континуирана соработка со Министерството за образование и наука ќе се потрудиме во периодот којшто следи да презентирани иновативни едукативни програми во училиштата, особено основните што треба да придонесе за разбивање на стереотипите и предрасудите уште од најмала возраст. И она коешто да речам останува тежнеење на Комисијата да работи и понатаму и да притиска би рекол за вклученост во изработка на закони и политики коишто ќе значат подобрување на принципот на еднаквост, па оттука очекувам во периодот којшто следи повторно да се активираат процесите за носење на законот за родова еднаквост  и измените на законот за матична евиденција во делот на правно признавање на родот. Очекувам тука Комисијата да биде препознаена како тело коешто треба да биде вклучено во овие работни групи“,  

рече Јадровски.

Влезот на седиштето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) / Фото: ТВ Телма (Илустративна фотографија)

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека мора да има унапредување и подобрување во однос на прекршочните постапки, што треба да започне со подобрување на законот во овој дел.

„Сите претставки коишто ги имаме добиено, ние ги имаме обработено. Откако ќе заврши постапката кај нас ние потоа упатуваме барање за поведување на прекршочна постапка доколку  сме утврдиле дискриминација, а дискирминаторот не постапил. Чинам дека имаме 19 такви барања, меѓутоа понатаму што направи судот дали иницирал прекршочна постапка и дали е завршена тоа е надвор од наша законска надлежност. Некогаш добиваме известување за исходот на постапките, некогаш не добиваме. Генерално останува високиот процент на имплементирање на препораките на Комисијата кој сè уште се движи над 70 проценти и во тој дел сме задоволно. Меѓутоа мора да има унапредување и подобрување во однос на прекшочните постапки“,

изјави претседателот на КСЗД додавајќи дека веќе имаат доставено до Министерството за труд и социјална политика нацрт-измени кои што треба да придонесат за подобрување на постапката.

- Реклама -