Лана дел Реј во есенската колекција на H&M

Светската пејачка сензација Лана дел Реј, едно од најголемите имиња на денешната поп-музика ќе биде главното заштитно лице на популарниот бренд H&M, за нивната претстојна есенска колекција.

Лана е водечкиот модел во кампањата што ја снимија Инес ван Ламсверед и Винод Матадин, а воедно и ќе ја испее песната Blue Velvet, во рекламниот спот што ќе го режира Јохан Ренк.

Темата на оваа кампања е модерната жена со тенка става, затоа што во есенските модели H&M акцентот го става на тенкиот струк и нежните облини. Од материјалите во фокусот се волнените плетки и твидот, а доминираат нежните бежови тонови, разбиени со модни додатоци во крвавоцрвена боја.

За потребите на кампањата, Лана ги носи клучните парчиња од есенската колекција на H&M, вклучувајќи розови џемпери од ангора, туники со принтови, моторџиски јакни и фустани од твид што ја следат природната линија на телото, а сето тоа збогатено со детали изработени од кожа.

 

Рекламното видео во целост ќе може да се погледне на веб-сајтот на H&M од 19 септември, доработено на тој начин што ќе биде адаптирано за телевизиско емитување. Лана во октомври ќе настапи и во кампањата на H&M за зимската мода.

Пејачката годинава брзо ги освои топ-листите со песната Video Games од албумот Born to Die, а ширум светот е позната по својот уникатен стил на облекување. [H&M Autumn 2012 collection]

- Реклама -