Кузеска: Владата на Мицкоски итно да ја редефинира економската политика и да донесе сет мерки за заштита на граѓаните

Портпаролката на СДСМ на денешната прес-конференција направи споредба со ситуацијата во регионот каде што, како што кажа, владите спроведуваат низа мерки за да им помогнат на своите граѓаните, а нашите веќе одат во Врање да купуваат храна

Опозицискиот СДСМ денеска ги повика Владата и премиерот Христијан Мицкоски итно да изготват сет мерки со кои, како што велат, ќе ги заштитат граѓаните од неконтролираниот раст на цените на основните прехранбени производи.

Прехранбени производи (Илустративна фотографија) / Фото: Архива

Актуелните економски политики на оваа влада, рече денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, ја носат државата кон сиромаштија, додека стандардот на граѓаните почнува забрзано да се влошува.

Говорејќи за инфлацијата, таа рече дека споредно со јули, во август минималните месечни трошоци на граѓаните се зголемиле за 629 денари, притоа додавајќи дека додека граѓаните се жалат на сè поскапиот живот, премиерот Мицкоски само апелира до бизнисмените да ги намалат цените.

„Кога беа во опозицијата беа гласни и ги критикуваа мерките на СДСМ со кои го штитевме стандардот на граѓаните, ги намалувавме цените и се боревме секојдневно со инфлацијата. Денес, во удобните фотелји во Владата мува не ги лази и целосно заборавија на народот. Дополнително, додека потрошувачката кошничка расте, власта на Мицкоски ги скрати парите со ребалансот и владата не дава пари за поголема минимална плата. Не дава пари ниту за зголемување на платите во образованието, но и во сите други сектори. Работниците се маргинализирани и заборавени, соочени со високи цени и замрзнати плати. Наместо да ги замрзне цените, Мицкоски ги замрзна платите“,

рече Кузеска на прес-конференцијата.

Таа направи споредба со ситуацијата во регионот каде што, како што кажа, владите спроведуваат низа мерки за да им помогнат на граѓаните, а нашите граѓани веќе одат во Врање да купуваат храна.

„Владата на Србија спроведува акција ‘Подобри цени’ со поевтинување на над 700 производи. Црногорската владата исто така презема марки, ги ограничи маржите во трговијата на големо и мало за повеќе прехранбени и хигиенски производи. Нашите граѓани веќе одат за Врање да купуваат храна, а дома може да купат само моливи и тетратки по поевтина цена, мерка која е крајно задоцнета“,

изјави портпаролката на СДСМ.

Во таа насока, Кузеска рече дека СДСМ бара владата на Мицкоски да ги напушти погрешните економски политики и итно да изготви сет мерки и итно да ја ревидира сопствената економска политика, која, според опозицијата, забрзано ги носи граѓаните кон сиромаштија.

„Ако не ги прекине овие погрешни политики, ДПМНЕ ќе доведе до сиромаштија, влошување на животниот стандард на граѓаните и зголемување на социјалните разлики“,

рече Кузеска.

Премиерот Мицкоски минатата недела одговарајќи на новинарски прашања токму на оваа тема, упати апел до трговците максимално да ги намалат маржите на производите, но рече дека Владата нема да интервенира во цените.

Мицкоски ова го образложи со тоа што, како што кажа, ние сме пазарна економија и пазарот ги диктира цените.

„Ако влеземе во една политика на ограничување, тогаш видовте какви резултати ни даде таа политика – ни даде спротивни ефекти од тие што ги очекувавме. Политиката на оваа Влада е да поддржува инвестиции и затоа не е политиката на оваа Влада да одржува зголемена и вештачки набилдана јавна потрошувачка, затоа што парите на тој начин губат вредност и иста количина на пари по еден месец ја губи својата вредност и деноминира, би рекол, за десетина проценти“,

рече Мицкоски на 28 август при неговата посета на Македонска Каменица.

Вчера Владата донесе одлука за ограничување на маржите на училишниот прибор, а за мерката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ на прес-конференција информираше премиерот Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали смета оти мерката е задоцнета, со оглед на тоа што голем дел од родителите веќе ги имаат снабдено своите деца со училиштен прибор, премиерот вели оти не е задоцнета бидејќи се реагирало навреме, по констатација на состојбата со цените на приборот во малопродажбата.

- Реклама -