Семејство од Кувајт го купи Нотингем Форест

Богатото кувајтско семејство Ал Хасави го купи двократниот шампион на Европа, Нотингем Форест. Ова беше официјално објавено од славниот клуб кој сега се натпреварува во англиската Чемпионшип дивизија.

Во соопштението на клупската интернет страница Фавзаз, Абдулазиз и Омар ал Хасави закажаа претставување на новите планови за клубот на посебна прес-конференција во сабота.

„За нашето семејство чест е што преземаме голем клуб со богата историја и одлично наследство кое го остави неговиот претходен сопственик, Најџел Даути“ се вели во соопштението.

Поранешниот сопственик на „Шумарите“, Даути почина во февруари оваа година на 54-годишна возраст откако вложи речиси 100 милиони фунти во неуспешниот обид да го врати клубот во елитната конкуренција.

Нотингем Форест е еден од само осум клубови кои успеале да ја одбранат титулата шампион на Европа, по триумфите во 1979 и 1980 година. Националното првенство на Англија го освои во сезоната 1977/78, а во Премиер лигата не игра откако испадна во понизок ранг во 1999 година.

- Реклама -