Курти в понеделник во Скопје ќе има средба со премиерот Мицкоски – тема на разговорот е случајот со косовската претседателка

Како што пишува косовскиот медиум „Газета експрес“, средбата ќе се одржи в понеделник во 10 часот, а на неа се очекува да присуствуваат и други членови на Владата на Северна Македонија од коалицијата „Вреди“

В понеделник се очекува во Скопје да пристигне косовскиот премиер Албин Курти, пренесува косовскиот весник „Газета експрес“. Според весникот, косовскиот премиер треба да се сретне со највисоките претставници на Северна Македонија, поточно со неговиот колега премиерот Христијан Мицкоски. Главна тема на разговорите на средбата се очекува да биде случувањето на Меѓународниот аеродром во Скопје, како што пренесува косовскиот медиум, поради понижувањето и малтретирањето на косовската претседателка Вјоса Османи.

Како што пишува косовскиот медиум, средбата ќе се одржи в понеделник во 10 часот, а на неа се очекува да присуствуваат и други членови на Владата на Северна Македонија од коалицијата „Вреди“.

Во друштво на Курти ќе биде и вицеремиерката и министерка за надворешни работи на Косово, Доника Гервала-Шварц.

„360 степени“ уште вчера имаше информации за можна средба меѓу косовскиот и македонскиот премиер, за што побара став од кабинетот на Курти, како и дали целта за посетата е случувањето на аеродромот во Скопје, но оттаму не одговорија на нашите прашања.

Посетата на Курти, според косовскиот медиум, се случува во период кога Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово упати протестна нота до Северна Македонија барајќи итно и целосно објаснување во врска со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи.

Според косовското МНР, претседателката Османи била соочена со несоодветен и незаконски третман од обезбедувањето на скопскиот аеродром.

Косовската министека за надворешни работи Гервала веднаш по инцидентот во четвртокот вечерта и во петокот се сретнала со амбасадорката на Северна Македонија во Косово за да побара појаснување за случајот.

„Министерката оствари средба и со вицепремиерот на Северна Македонија, Арбен Фетаи, со кого разговараше за инцидентот и за потребата од преземање брзи институционални дејствија. Во рамки на преземените дејствија, министерката Гервала вчера попладне примила телефонски повик од нејзиниот македонски колега, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кому таа му ја изразила загриженоста на косовските институции за инцидентот“,

велат од косовското МНР.

По инцидентот со претседателката Вјоса Османи претседателството на Република Косово преку соопштение до јавноста изразило огорченост од „неприфатливите изјави на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија“, како и од „пропагандата што се развива против Република Косово“.

Во соопштението по повод инцидентот се наведува дека Османи единствено одбила да го даде на скенирање својот телефон, кој го користи како шеф на државата за официјални комуникации и за прашања од националната безбедност.

- Реклама -