Кучињата знаеле и опасно да лажат

Нова студија покажува дека кучињата всушност и не се така простички и кротки ко што ги мислевме. Знаеле и свесно да лажат.

Истражувачи од Швајцарија фатиле темелно да ја испитуваат нивната способност да мамат луѓе за да го добијат тоа што го сакаат. Тие истренирале 27 кучиња на разни возрасти да разликуваат меѓу две жени: Едната била „кооперативна“ жена која секогаш им дозволувала да уживаат во омилениот деликатес. Другата била „компетитивна“ жена која секогаш им го земала омилениот деликатес.

Потоа кучињата биле истренирани да ги поведат овие две жени (поважно: луѓе) до три кутии: во едната имало колбаси (омилениот деликатес на кучињата), во втората имало кучешки бисквити, а третата била празна.

Кога една од жените ќе им се обратела со „покажи ми ја храната“, кучињата ќе го поведеле нивниот човечки партнер до една од трите кутии. Кооперативната жена секогаш ги наградувала со тоа што го имало во кутиите, додека компетитивната секогаш храната во кутијата ја земала „за себе“.

Погодувате? Кучињата поретко ја воделе компетитивната жена кон нивната омилена храна, бидејќи знаеле дека таа ќе им ја земе. Па кога таа ќе им се обратела со „покажи ми ја храната“, не ја воделе кон колбасите.

Уште поинтересно, две од кучињата – Арвен и Нелсон, СЕКОГАШ ја носеле кооперативната личност до колбасите, а компетитивната – НИТУ ЕДНАШ.

Авторите на студијата, објавена во Animal Cognition,  нагласуваат декa оваа тенденција била забележана и во двата дена на тестирање. Истакнуваат и дека на вториот ден од тестирањето тенденцијата била уште позасилена.

 

- Реклама -