Знаеме кои се поподли. Ама попаметни? Одговорот нема да им се допадне на гордите сопственици.
Меѓународниот тим од истражувачи открил дека кучињата поседуваат многу повеќе неврони од мачките. Во превод, тоа значи дека кучињата имаат подобра способност за обработување на информација, бидејќи имаат повеќе клетки што ја вршат таа функција.
Како што пишува CNN, до неодамна научниците ја користеа исклучиво големината на мозокот како начин за споредба на интелигенцијата меѓу живите видови. Но „во 2005 година, мојата лабораторија разви едноставен, брз и евтин начин за броење на клетките во мозокот“, вели Сузана Херкулано-Хаузел – професорка по биолошки науки на универзитетот Vanderbilt, каде што се направени истражувањата.
Резултатите покажуваат дека церебралниот кортекс (кој е делот од мозокот каде што се обработуваат информациите) кај мачките има 250 милиони неврони. Кај кучињата е скоро дупло – 429 милиони неврони. Истражувањето потврдува и дека златните ретривери не за џабе се сметаат за едни од најпаметните кучиња; тие имаат 627 милиони неврони, истакнуваат научниците.
„Исправно е, следствено, да се рече дека кучињата имаат двојно повеќе неврони од мачките во нивниот мозочен кортекс. Тоа подразбира дека кучињата имаат повеќе/поголема когнитивна способност од мачките“, заклучува Хаузел.
Студијата е објавена во журналот Frontiers. Во истражувањата учествувале научници од шест универзитети од четири земји: САД, Бразил, Данска и Јужна Африка.