Во Грција денес една од главните теми е кучето Хачико од Крит, кое последниве осум години го чекало својот сопственик да излезе од локалниот супермаркет во селото Пателес. Сопственикот починал од срцев удар токму пред осум години, токму додека бил во маркетот, по што бил изнесен од задната врата. Кучето, се разбира, тоа не го знаело – последен пат го видело својот сопственик кога влегувал во продавницата.
Оттогаш, грчкиот Хачико (наречено така по славното јапонско куче кое 11 години го чекало својот сопственик на токиската железничка станица) секое утро одел до супермаркетот да го чека својот газда, и таму останувал сé до вечерните часови кога се враќал дома.
Со текот на годините, здравјето на старото куче сé повеќе се влошувало. За жал, поводот за тоа што сега го спомнуваат грчките, но и останатите медиуми од регионот и пошироко, е неговата смрт. Соседите од селото, кои сиве години се грижеле за него, решиле конечно да го ослободат од маките на староста, и да го еутаназираат.