Водени од морална и етичка обврска, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) денеска реагираше на, како што велат, „крајно вулгарниот“ однос на Претседателот на Собранието – Талат Џафери, кој се слуша на снимката објавена на социјалните мрежи.
„Вчерашниот настан којшто е пренесен преку социјалните мрежи е со крајно понижувачки и потценувачки однос кон вработените во Собранието на РМ и јасно ја искажува сликата и начинот на однесување на избраните и именувани лица коишто раководат со јавниот сектор во државата“, велат од КСС.
Тие посочуваат дека многупати јавно реагирале дека вработените во јавниот сектор работат под огромен притисок од избраните и именуваните лица, што им создава стрес на работното место, а од друга страна заработуваат минимални плати со кои не можат да ги сервисираат своите животни трошоци.
„Многупати во извештаите на Европската комисија е истакнато дека главниот извор на корупција во јавниот сектор се токму именуваните и избраните лица кои без никаков респект секојдневно јавно ги напаѓаат вработените во јавниот сектор и прават притисок врз нив, со што работната атмосфера станува сѐ понеподнослива“, посочуваат од КСС.
Примерот со Претседателот на Собранието – вулгарното однесување кон вработените и демонстрирање вербална сила, велат, е слика и прилика на целиот јавен сектор. Примерот со Џафери само дополнително ги охрабрува истите тие раководители уште посилно да вршат мобинг, тортура и притисок врз вработените во јавниот сектор, сметаат од Конфедерацијата на слободни синдикати, од каде посочуваат дека токму сѐ поразочарувачката состојба во дел од реалниот сектор е и една од причините што работниците сѐ почесто се одлучуваат да ја напуштат државата.
„Ваквата состојба и ваквото однесување не водат никаде, само ја продлабочуваат кризата и нетрпението помеѓу работниците. Затоа КСС бара јавно извинување од Претседателот на Собранието – Талат Џафери, кон истите тие работници коишто беа навредувани и вербално малтретирани од него, и ги повикува институциите на системот да ги преземат сите мерки за санкционирање на ваквото нечовeчко однесување од страна на Претседателот на Собранието“, се вели во реакцијата.
„Многупати кажaвме, многупати зборувавме јавно во минатото за притисоци, деградирање и малтретирање на вработените во јавниот сектор, а јавноста сега може и самата да се увери каква е нивната атмосфера на работното место, а самиот овој настан покажува колку е и грижата на оваа власт кон вработените и затоа истите тие се оставаат на маргините на опстанок со минимални плати, а самото тоа по себе дава пример за многу работодавачи во државата дека можат на истиот начин да се однесуваат кон работниците и затоа ве повикуваме сите јавно да го осудиме овој настан и еднаш засекогаш да почне да се почитува работникот во Република Македонија“, додаваат од КСС.