Според податоците на Црвениот крст во Австралија, крвта на Џејмс Харисон има спасено околу 2.4 милиони бебиња. Во последниве 60 години тој донирал крв речиси секоја недела. Од минатиот петок, Харисон и официјално „замина во пензија“ кога е во прашање донирањето крв.
Кога имал 14 години, на Харисон му била извршена операција на градите. Момчето тогаш примило донирана крв и тоа му го спасило животот. Кога се опоравил од операцијата, решил да се оддолжи, па се пријавил да биде крводарител. Цел свој живот, очигледно.
Но ако мислите дека тоа е најспецијалното кај Џејмс Харисон, се лажете.
Почнувајќи од 1967 година, во Австралија годишно умирале илјадници бебиња. Трудниците имале голем број спонтани абортуси, а голем дел од родените деца се раѓале со оштетувања на мозокот. Докторите не знаеле зошто.
Подоцна станува јасно дека се работи за болест на резус-факторот (Rh), која се јавува кога резус-факторот на мајката не се совпаѓа со оној на бебето, т.е. кога Rh факторот на мајката е позитивен, а на бебето негативен бидејќи е наследен од таткото. Во такви случаи, крвта на мајката може да ги идентификува клетките на бебето како „страни тела“, па создава антирезусни антитела што ги уништуваат крвите клетки на бебето. Во најлошите случаи тоа завршува со негова смрт или со тешки нарушувања во развојот на плодот и мозочни оштетувања кај роденото дете.
Но, докторите откриле уште нешто – крвта на Џејмс Харисон е уникатна и содржи антитела кои можат да се искористат за правење на Anti-D вакцини кои ја спречуваат болеста на резус факторот кај мајките.
Во Австралија од 1967 година биле регистрирани повеќе од 3 милиони жени на кои им била потребна ваква вакцина. Денес повеќе од 17% од жените во Австралија го имаат овој ризик, а во сите овие случаи крвта на Харисон е клучот. Впрочем, секоја серија Anti-D вакцина во Австралија е направена токму од неговата крв. Ваква вакцина ѝ била потребна дури и на неговата ќерка. Благодарение на неа, вториот внук на Харисон е роден здрав и жив.
Затоа Харисон никогаш не престанал да донира, сакајќи со својата крвна плазма да им помогне на што повеќе луѓе и да спаси што повеќе деца. Во Австралија го сметаат за национален херој и има добиено безброј награди и признанија за својата хуманост.
Тој е еден од само 50-те луѓе кои во својата крв ги имаат овие антитела. Минатиот петок тој ја даде последната доза крв и ги повика сите луѓе со слични антитела да го направат истото.
Докторите не се сигурни како Харисон го има овој редок тип крв. Се сомневаат дека ја добил при трансфузијата на крв кога на 14 години му била направена операцијата на градите.