Ноќва и утрово илјадници луѓе на северната хемисфера му пркосеа на студот за да го видат целосното затемнување на Месечината – феномен кој е познат како „крвава супермесечина“. Месечината поприми бакарна боја на ‘рѓа и беше поголема од вообичаеното.
Зошто „крвава“? Затоа што при текот на целосното помрачување на месечината, при залезот, поради карактеристичното прекршување на Сончевите зраци низ Земјината атмосфера, Месечината добива темно црвенкаста боја.
Зошто „супермесечина“? Затоа што ова утро Месечината беше за 2% поблиску до Земјата, односно најблиску при својата ротација околу неа, во позиција на перигеј (најблиската точка меѓу Земјата и Месечината). Поради тоа, изгледаше поголема отколку обично.
Иако помрачувањата на Месечината се секогаш убави за гледање, тие се релативно чести – се случуваат меѓу два и пет пати годишно. Помрачувањето може да биде делумно, пенумбрално и целосно, какво што беше ова на 21 јануари. Целосното помрачување беше видливо од Северна и Јужна Америка, додека во Африка и во Западна Европа крвавата супермесечина беше видлива само во текот на изгревот и залезот.
Така беше и во Хрватска, во периодот од 5:40 до 6:45 часот. Ви пренесуваме неколку фасцинантни фотографии од Хрвоје Драгобратовиќ, објавени во Index.hr.
Ова целосно помрачување на Месечината беше значајно и затоа што за следното прилично ќе почекаме. Ќе се случи дури во мај, 2021 година.