Обвинетите за настаните од 27 април имаат уште два нецели дена за да побараат амнестија. Рокот истекува утре, пет дена откако Законот за амнестија беше објавен во Службен весник на 20 декември.
Меѓу првите што тоа го направија е пратеникот Крсто Мукоски, обвинет дека ги отворил вратите во Собранието, што доведе до „крвавиот четврток“. Тој е еден од петтемина обвинети кои во петокот поднеле лично барање за амнестија во кривичниот суд. Меѓу нив е и Никола Митревски-Кољо, кој неколку месеци беше во бегство, а на крвавиот четврток носеше фантомка, Оливер Радулов, кој е вработен во УБК и ги изнесувал хард дисковите со собраниските безбедносни снимки, и Младен Додевски.
Барање за амнестија упатија и Горан Ангелов-Ќосето и Иван Цветановски.
Амнестија најверојатно ќе побараат (или веќе побарале) и пратеникот Сашо Василевски и Александар Василевски Нинџа. Нивните адвокати ја потврдија таквата одлука уште во петокот.
Со стопроцентна сигурност тоа ќе го сторат и Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, имајќи предвид дека тројцата во последен момент се премислија и гласаа за уставните измени, пренесува „Независен.мк“. Се очекува амнестија да побараат и Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски.
Јане Ченто и Игор Југ одбија амнестија, порачувајќи дека сакаат да им суди судот, а не политичарите.