„Kривата шума“ во близината на Грифино, Полска, веќе долго време ги мачи научниците, но и ловците на природни феномени. Се работи за околу 400 дрва со чудно криви стебла, од кои речиси сите се закривени кон север. Несомнено, овие деформации настанале заради некаква надворешна сила. Но, каква ли била таа сила?
И едните и другите (научниците и „мистериолозоите“) сé уште трагаат по одговорот. Најчудното од сé е што овие дрва се опколени со обична шума, во која дрвата растат нормално…
Низ годините, четири теории се издвоија како најпопуларни.
Првата е дека на ова подрачје гравитацијата делува на поинаков и уникатен начин. Имено, наместо надолу, гравитацијата ги влече стеблата на страна. Нема никакви докази за ваквата бизарна теорија.
Друга теорија вели дека за сé е виновен снегот. Додека стеблата се млади, големите количини снег им пречат во растењето, па стеблата мораат да се пробиваат на страна. Ама снег врне и во други шуми, па и на околните дрва, а оваа теорија нема никаков одговор зошто тоа не се случува и со нив.
Третата теорија се занимава со нацистите. Приврзаниците на оваа теорија сметаат дека за време на инвазијата врз Полска, нацистичките тенкови ги прегазиле младите стебла, кои се смета дека се посадени околу 1930-тата, и дека тие продолжиле да растат закривени. Останува прашањето: како тие млади стебла успеале воопшто да ја преживеат тежината на тенковите?
Последната теорија звучи најреална, но и најмалку фасцинантна. Ова е дело на локалните жители. Се смета дека во текот на 1930-тите, тие намерно ги обликувале младите стебла да растат закривени, за да ги прилагодат за користење при изработката на мебел, или поверојатно – изградба на бродови. Додека правите дрва се одлични за трупот, вакви закривени би биле одлични за напречните греди на внатрешниот костур на бродовите. Во прилог на ова оди и тоа што дрвата во Кривата шума не се подеднакво закривени – ако тоа било правено намерно, било правено по потреба, во зависност од тоа во кој дел на бродот требало да се најдат. Сепак, разликите можат да бидат и резултат на тоа што дрвата веќе неколку декади растат слободно. Ако оваа теорија е точна, Втората светска војна ја прекинала таквата пракса во овој дел на Полска и жителите никогаш не успеале да ја довршат работата (да ги исечат), а стеблата продолжиле да растат со оставената деформација.
Сепак, сé ова се теории, а Кривата шума останува необјаснета мистерија.