Пред некое време во книжарницата „Илика“ се одржа дебата на тема „Стратегии во уметноста: книжевност“, на која учествував заедно со уште неколкумина луѓе од нашата книжевна средина. Дебатата, во рамки на конференцијата „Стратегии во уметноста“, ја организираше Јован Ламбески и идејата беше да разговараме за состојбите во одделни сегменти од нашата книжевна сцена. Мојата тема беше „книжевна критика“.
Како вистинска бубалица, си спремив текстче како своевиден нацрт за тоа што би го кажала, но работите тргнаа во друга насока и не успеав да го сторам тоа. Па си реков ајде, го имам Блен, кога веќе имам белешки, ќе ги споделам тука.
Со ова што го напишав знам дека не откривам топла вода – ова е само мој опис на состојбите што сите ги знаеме. Ама понекогаш како да ги подзабораваме и се препуштаме на тековите. Затоа, нека стои тука текстов и како своевидно потсетување за сите нас каде не треба да продолжиме да одиме кога станува збор за капката книжевна критика што ја имаме во морето што го немаме.
Ќе почнам ин медиас рес, со тоа што сите го знаеме: КРИТИКАТА ВО МАКЕДОНИЈА Е ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБА. За право на вистината, не е така со сите видови критика. Но, така е со најважната.
Ако на врвот на стручното анализирање и вреднување на книжевните дела се наоѓа академската критика, можеме да кажеме дека ја имаме. Професорите и професорките од нашите катедри за книжевност активно пишуваат и издаваат, исто како и нивните колеги, научните истражувачи. Сепак, ова се текстови напишани на висок, академски стил, кој не комуницира со широката публика и нивните текстови имаат премала читаност. Но, да речеме дека тоа е во ред.
Понатаму, и аматерската критика ја имаме, и тоа во изобилство. Очекувано, денес таа најмногу може да се најде на социјалните мрежи, во форма на статуси и коментари и најчесто е вреднување односно судење за вредноста на делата без анализа и јасна аргументација. Во овој стог со сено има и по некоја игла, ама таа е некаде длабоко закопана и невидлива за јавноста и предизвик е да се најде, а не пак да боцне – и кога е афирмативна и кога е негативна.
Според мене, видот критика што е најважен за една книжевна сцена и за една книжевност е новинарската критика. Тоа е онаа критика со којашто треба да се занимаваат потковани и посветени критичари кои би ја следеле сцената и периодично (идеално, на неделно ниво) би ги објавувале своите ставови за новите дела од домашната книжевност. Зошто велам дека ова е најважната критика? Затоа што ваквиот вид критика е посредник меѓу книжевноста и широката читателска публика (односно, на оние кои се читатели и на оние кои можат да се привлечат да почнат да читаат), благодарение на приемчивиот новинарски јазик. Е, ваквата критика ние воопшто ја немаме. И тоа трае со години, ако не и со децении.
Во недостаток на оваа најпотребна критика, ситуацијата денес е таква што дупката ја пополнуваат останатите два вида критика, меѓу кои, за жал, имаме неколку проблематични типови критика:
- Работничка критика, која е дело на трудот на работниците во издавачкиот сектор, кои често знаат и во свое лично име да пласираат полу или целосно професионални (задолжително!) афирмативни критики, чија цел е промоција на книгите што ги уредуваат, преведуваат, издаваат;
- Пријателска критика во која „кој се сака, тој се фали“, а во суштина надолго и нашироко си се лаже еден со друг;
- Лукративна критика или „на ти го – дај ми го критика“, чија цел е враќање услуга или однапред плаќање за некоја идна услуга што треба да биде побарана;
- Тука е и хејтерската критика која може на големо да се сретне во книжевните групи на Фејсбук, наменета да навреди, да омаловажи, исмее или да наполни нечие его. Бидејќи сум излезена речиси од сите такви групи, морам да кажам дека ова ми е постар впечаток и дека не сум баш во тек. Ама, оваа критика ја имаме и во усна форма, каде преку маркетиншкиот метод „од уста на уста“ неаргументирано се хејтаат дела на одредени автори (а целта, во суштина, е да се хејтаат самите автори).
- Посебен тип критички текстови, кои сакам особено да ги акцентирам, се рецензиите за Министерството за култура, кои не треба да заборавиме дека мора да имаат вреднувачки карактер, затоа што во суштина тие се препорака за печатење на дела од национален интерес, а кои се штанцаат врз основа на сите горенаведени односи или интереси, затоа што, нели, и онака „никој не ги чита“ (што и да значи и да не значи тоа). Па така, отпосле, можеме да се изненадиме кога на задната корица на целосно безвредно дело ќе видиме потпишан некој академик, доктор на науки и сл.
Зошто сме дојдени на ова дереџе? Причините се многу, од капиталистичкиот поглед на сопствениците на медиумите и нивната кусогледост во поглед на „исплатливоста“ да се има редакција за култура а камоли посебни новинари кои би се занимавале само со книжевност и книжевна критика (тоа кај нас веќе изгледа како НФ), до системската незаинтересираност на институциите кои уште ја немаат воочено и утврдено оваа состојба како алармантна, а не пак да изградат стратегија и да почнат да преземаат конкретни чекори за заживување на новинарската критика во Македонија.
Уште еден суштински проблем кога станува збор за критиката кај нас е она што професорката Елизабета Шелева пред многу години го има дефинирано како „култура на незамерување“. И таа култура на незамерување во голема мера е виновна за моменталната состојба, затоа што се базира на стравот да не си замериме со некој што го знаеме или познаваме пишувајќи искрена критика за неговото дело. Оти, прво, знаеме дека ретко кој автор во нашава средина нема да се налути или навреди од неповолна критика за неговото дело и оти, второ, има ли луѓе што не се знаат меѓу себе на книжевната сцена? Од тој страв да не си замериме или да не си се доведеме во позиција на конфликт на интереси (а сите сме изврзани како црева, соработуваме едни со други по разни основи) се доведовме во позиција на неизразување јавно на своето мислење, својот суд и став за едно дело, дури и кога го имаме, па го шепкаме зад грб и сами го обезвреднуваме спуштајќи го до ниво на обично озборување.
Едно решение за коешто многу имам размислувано е анонимната критика, но искуството ми има покажано дека за да останеш анонимен во оваа паланечка средина ќе треба да вложиш повеќе напори отколку да стекнеш знаења од областа на книжевноста и книжевната теорија. Така што, кај нас и тоа решение не е решение.
Затоа, сè што имаме во моментов се сведува на сите овие погоренаведени критики и на ситни ентузијастички обиди за некакваси критика, во кои не знам дали се гледам и себеси со тоа што го правам на „Блен“… Затоа што „Блен“ го создадов со желба да ги спојам моето книжевно знаење и новинарското искуство за да правам содржина што не може да се најде на друго место. Како, на пример:
- интервјуа со писатели и писателки чии дела сум ги прочитала и ми се допаднале или во чии дела сум препознала теми на кои вреди јавно да се разговара;
- осврти во форма на препораки за книги што навистина ми се допаднале;
- разработка на теми кои ги интересираат чинителите на нашата книжевна сцена и јавно разговарање за нив на неделно ниво – рубрика што сè уште не сум ја реализирала;
- критички текстови за кои, поради моите работни обврски кои знаат целосно да ме вшмукаат затоа што немам друг приход за егзистенција, а кои не би ги пишувала никако поинаку отколку редовно и систематски – никогаш не останува доволно време да ги почнам и остануваат полека да бледнеат во мојата глава ненапишани….
Како и да е, реално гледано, и сето ова, кога би го реализирала – и јас и сите ентузијасти што прават нешто во слободно време, се само капки во жедното тло на пресушеното море на книжевната критика, кои знам не можат да направат голема разлика.
И колку и да сакав да завршам со позитивен тон и да кажам дека има светло на крајот од тунелот, дека има надеж за македонската критика – не, сметам дека не е така. Не гледам светло, не гледам надеж – барем засега. Денес светот го вртат интересите. Луѓето ги вртат личните интереси и како минува времето сè помалку се мисли на општите. Затоа, никој нема и нема да има интерес да инвестира во критика и критичари. Освен, можеби, државата. А и кога би инвестирала државата, не знам дали би било подобро, оти навикнати сме сите работи што доаѓаат оттаму да бидат едно на хартија, сосема друго нешто во практика.
Сепак, како непоколеблива идеалистка со стремеж за враќање во заедницата која ме создала, знам дека ако видам некое новозапалено оганче на македонската критика, ќе дојдам да му донесам суви гранчиња и кротко да му поддувнам за да се распламти повеќе. Оти верувам дека само со отворено изнесување на нашите ставови и со јавен разговор ќе се распламти и огнот на нашата книжевност и ќе можеме да стануваме сè подобри и подобри.