„Мажот го прават маж оружјата што не се гледаат. Тие се наоѓаат во срцето, и кога човек е на вистинскиот пат“, вели Лефтерис Беркис од Крит. Репортерката, воодушевена од поетичноста на мислата, го поканува да се чукнат со ракијата.
На прашањето што значи да си Критјанец, Лефтерис одговара: „Искреноста и директноста т.е. немањето влакна на јазикот, и автентичноста… И козулада. Козулада е лудост, но во добра смисла“.
Повеќето Грци ги сметаат Критјаните за грчкиот Тексас. Крит и неговото место во светот, велел Никос Казанѕакис (грчки писател, автор на Гркот Зорба), „е создаден од лудилото и лудите, а не од трезните“.
Спротивно од пораката на поетичниот аманет од погоре, Крит е преполн со оружје. Секое второ семејство поседува по најмалку едно парче. Оружјето им е во крвта. Од една страна, тоа се должи на историјата на тоа парче копно – прво турската, па после и германската окупација…
„А луѓето не ги веднеа главите лесно. Имаа независност и ова нивно лудило имаше удел во тоа. Тие ја претворија војната во забава“.
Тука упаѓа старчето од позадина, и раскажува дека Критјаните го користеле оружјето дури и за банални цели, како на пример – наместо телефон.
„(Пријателот) Ќе испука неколку куршуми од планината, и јас знам дека е таму, и знам дека ме вика да одам“.
Од друга страна, Лефтерис признава дека потоа работите излегле од контрола.
„Со новите пари дојде ново оружје. Се разви пазар. Луѓе правеа пари од оружје… Кои нови пари? Тие од субвенциите. Кога има доволно риба на масата, ќе јаде и мачката под масата“, искрен е Лефтерис.
„Кога има доволно пари, ќе има и за оружје. Оружје почнаа да користат и луѓе што не знаат да го користат, следејќи го обичајот на старите, кога двајца-тројца од семејството што правело свадба ќе испукале неколку рафали за селаните да знаат дека има свадба и дека се слави“, раскажува тој.
Тука се уфрла бабичката, во стил: „Ја да ми ти кажам, ќерко“. Ѝ вика: „Знаеш кога се пука најмногу? Кога ќе се напијат. Кога се трезни се пука поумерено“…
Ѕирнете го документарецов. Трае 40-тина минути, и изобилува со симпатични ликови, локални приказни и детални увиди во љубовната врска на Крит и оружјето. На грчки е, ама има англиски превод (кликнете на „CC“).