Како што се приближува зимата расте и опасноста од грип и други слични болести. Но превентивна вакцина можеби не е најдобрата одбрана – според ново истражување, мала доза кристален метамфетамин би можела да биде доста ефикасна.
Истражувачите од Националниот Институт за Здраствено Истражување во Тајван и Универзитетот од Регенсбург во Германија работеле заедно на истражување на ефектите кои метамфетаминот ги има врз различни вирусни инфекции.
Метамфетаминот е доста злоупотребувана дрога со голема количина докази кои покажуваат дека хроничната употреба ја зголемува подложноста на вируси бидејќи го уништува имунитетот.
Истражувачите претпоставувале дека истото ќе биде точно кога е во прашање грип, но како и секој добар научник тие морале да ја потврдат својата хипотеза, па започнале со тестови. Тие прво зеле клетки од човечки бели дробови и изложиле дел од нив на кристален метамфетамин по што ги изложиле на H1N1 вирусот.
Она што го виделе било целосно изненадување. Наместо да се забрза развојот и проширувањето на вирусот, метамфетаминот ја намалил подложноста на грип. Сепак, во експериментот има и неколку услови. Прво, ова е експеримент со само една форма на грип – не е јасно каква реакција ќе имаат сите други форми на метамфетаминот.
Второ, ова е тест целосно изведен во лабораторија: експериментите биле направени во контролирани услови без присуство на вистински пациенти. Она што е очигледно е дека ова е интересно контра-интуитивно откритие и можеби во иднина соединенија слични на метамфетамин би можеле да помогнат во спречување на епидемии на грип.