Во неделата, калифорнискиот гувернер потпиша закон со кој за Калифорничаните станува легално правото да ги ликвифицираат телата на починатите.
Се работи за процес познат како „водена кремација“, ака. аквамација, ама и ресомација, биокремација или безпламенска кремација. Како и да ја викате, се работи за многу поеколошки процес на ослободување од телата на мртвите.
Се смета дека ова е трендот на иднината. За околу 10-20 години, на кремацијата ќе се гледа како на процес базиран на вода, велат од Qico Inc. – компанијата што не само што работи на „одржлива кремација“ и е специјализирана за аквамација, туку и го спонзорира новиот калифорниски закон околу процесот, кој ќе стапи во ефект најдоцна во 2020-та.
Иако се работи за процес на ликвификација, при аквамацијата на живите роднини не им се враќа никаква течност, туку само преостанатиот калциум или коските. Ова се разложува во прав, и таквата пепел им се враќа на блиските. Во споредба со обичната кремација, вака се добива 20-30% повеќе „пепел“.
Како што рековме, аквамацијата е „позелена“ од денешните мејнстрим достапни опции: погребите и кремацијата. Ковчезите окупираат многу драгоцен простор и се направени од дрво што бавно деградира; а кремацијата подразбира температури и до 980 Целзиусови степени, што воопшто не е ефикасно од аспект на потрошувачката на енергија и сите последици од истата. Со развојот на технологијата заживува и уште една опција – испраќање на мртвото тело во вселената со ракета, но, веројатно нема потреба да нагласуваме дека тоа е уште понеефикасно и секако не е опција за „масовна употреба“.
При аквамацијата, од друга страна, телото се става во контејнер со течност која го разложува месото, ДНК-та и сé друго, до релативно нештетен раствор од благо алкална вода која може да биде неутрализирана и вратена во почвата. Хемискиот процес зад истата се вика алкална хидролиза; телото се става во раствор од потасиум хидроксид и вода загреана до околу 90 степени Целзиусови (што е пониско од температурата на вриење), и се чека телото да се разложи, обично околу 4 часа. На крајот, единствените цврсти останки се купче од меки коски (потасиум хидроксидот не нагризува калциум фосфат) кои се дробат во стерилниот прав кој роднините го зачувуваат како спомен.
Другото (месото, крвта, желудникот) се разложува во зелено-кафена течност, која е во принцип истото тоа што се добива и при распаѓањето на телото кога е погребано во земјата, само што вака е неспоредливо многу побрзо.
Аквамацијата веќе е сé попопуларна и при справувањето со телата на мртви домашни миленици, не само затоа што е енергетски поефикасна, туку и затоа што ги убива потенцијално смртоносните патогени, како вируси, бактерии и приони – кои не секогаш се „деактивираат“ при топлина.
Идејата за ликвификација на телата на нашите починати блиски делува прилично чудно, но Калифорнија не е првата држава што ја прогласи за легална; аквамацијата е дозволена уште во 14 други држави (претежно американски). Згора на тоа, со оглед на досегашните понудени опции, оваа изгледа како таа на која ќе треба да се навикнеме во иднина. На Земјата снемува место и за живите, и за мртвите, па човештвото ќе мора да најде начин да се справи со телата во иднина.
Од друга страна, ослободувањето од телото на починатите блиски за повеќето е многу емотивен акт, па не значи дека секогаш ќе ја преферираме најразумната опција. Сепак, аквамацијата има позитивни страни и на тоа поле. На многу плажи, на пример, не е дозволено да истурите пепел од кремиран близок – бидејќи пепелта е пепел, и е штетна, нели. Со белата „пепел“ што настанува при аквамацијата, меѓутоа, таквите ограничувања би биле значително поретки.
Ако ви се чита нешто подетално за хемијата при процесот, повелете на оригиналниот текст.