Креативните луѓе поподложни на нечесност

Креативните луѓе најчесто важат за истакнати членови на општеството, сепак не многу уметници, композитори и писатели стануваат криминалци. Но, нова студија на универзитетите Харвард и Дјук открила дека всушност постои поврзаност помеѓу креативноста и нечесноста.

Предводникот на студијата, Франческа Џино, изјавила: „Поголемата креативност им помага на лицата да решаваат потешки задачи во повеќе области, но креативните нагони можат да ги поттикнат лицата да изберат неетички опции во потрага по решенија за проблеми и задачи.“ Џино и нејзиниот колега, Ден Ариели од Дјук Универзитетот во Северна Каролина спровеле серија од пет експерименти за да ја тестираат нивната теза дека покреативните луѓе би мамеле во услови во кои би можеле да го оправдаат тоа однесување.

Истражувачите употребиле серија препознати психолошки тестови и мерки за да ја оценат креативноста на субјектите. Тие исто така ја тестирале и интелегенцијата на учесниците во студијата. Во секој од петте експерименти учесниците добиле мал финансиски надоместок за нивното појавување за експериментот. Потоа на сите им биле претставени задачи или тестови во кои би можеле да добијат повеќе пари ако мамат.

На пример во еден експеримент на учесниците им бил даден квиз за општо знаење во кој заокружувале одговори. Потоа, научниците им кажале да ги префрлат на друг лист – но научникот им кажал дека го фотокопирал погрешниот лист и дека точните одговори се речиси видливи. Научниците им кажале на учесниците и дека би добиле повеќе пари за секој точен одговор и исто така им било навестено дека научниците не би можеле да препознаат дали некој мамел, но сите листови имале уникатна идентификација.

Резултатите покажале дека покреативните учесници имале значително поголема тенденција да мамат и дека не постоела поврзаност помеѓу интелегенцијата и нечесноста – поинтелегентни но помалку креативни немале повисока тенденција кон нечесност. Во друг експеримент на субјектите им биле прикажани цртежи со точки на две страни од дијагонална линија и од нив било побарано да покажат дали има повеќе точки на левата или десната страна.

Кај половина од 200 тестови било речиси невозможно да се познае на која страна има повеќе точки. Но на учесниците им било кажано дека ќе добијат десет пати повеќе пари (5 центи наместо 0,5 центи) за секој пат кога ќе посочат дека има повеќе точки на десната страна. Научниците предвиделе дека има значително поголеми шанси дека покреативните учесници ќе добијат повеќе пари.

„Нечесноста и иновацијата се две теми за кои најчесто се пишува во популарните медиуми“ заклучиле авторите. „Сепак, сè уште нема детална емпириска студија за врската помѓеу креативноста и нечесното однесување. Резултатите од оваа студија посочуваат дека луѓето кои се креативни или работат во средини кои промовираат креативно размислување всушност се во ризик кога се соочени со етички дилеми.“ [Creative types are more likely to be dishonest, says Harvard study]

- Реклама -