Кратка љубовна приказна за мувата, гомната и пчелата

2views

Ако ги земеме крајностите, генерално има два погледа на светот: оној на мувата и оној на пчелата.

Ако прашате една мува дали видела цвеќиња таму каде што летала, таа ќе ви го одговори следново:

„Цвеќиња? Што се тоа цвеќиња? Воопшто немам видено цвеќиња. Ама затоа, полно е со гомна!“ …И така, мувата ќе продолжи да раскажува низ какви сé ѓубриња поминала во животот и колку многу гомна има во ливадата.

Ако, пак, слично прашање ѝ поставите на една пчела, од типот на: „Има ли гомна таму каде што леташ?“, нејзиниот одговор ќе биде поинаков:

„Гомна? Што се тоа гомна? Воопшто немам видено гомна. Ама затоа, полно е со цвеќиња!“ …И така, пчелата ќе продолжи да раскажува за сите можни мириси, и бои, и прекрасни цвеќиња што го красат преубавиот свет, оној во кој нема гомна… сé додека еден ден случајно не слета на едно такво купче и не се разочара.

Финтата е што и пчелите и мувите летаат на иста полјана, и ќе ги има засекогаш. Колку и да е таа ливада прекрасна, мувите секогаш ќе успеат да ги најдат гомната и таму да заглават. Од друга страна, пчелата секогаш ќе биде фокусирана на она дури и малку убаво, што ќе и го исполни животот. А што е животот ако нема цвеќиња?

Секоја мува ќе рече дека на пчелите им е полесно. Тие не се навикнати на смрдеата, па некогаш знаат и да ги избегнуваат мувите. Не се за обвинување. Ама и мувите се луѓе бе. И они се греота, и они сакаат да знаат дека има цвеќиња. А и корисни се, мувите секогаш знаат каде можат да налетаат на гомна и да ти го затнат носот за да те заштитат од смрдеата.

Затоа, ајде да бидеме пријатели. Од името на една мува, те повикувам: Ајде да се сакаме. Земи ме за рака и покажи ми ги тие твои преубави цвеќиња што секогаш потајно сум ги замислувал. За возврат, јас ќе те повлечам за рака за да не зацапаш кога нешто ќе засмрди.

З.П.

- Реклама -