Краставиците што го разлутија Интернет

На една австралиска Фејсбук група, наменета за чудни производи што Австралијците ги пронаоѓаат по рафтовите во продавниците, се појави и една фотографија од пакувани краставици која посебно ги разбуди страстите на друштвените мрежи. Од две причини…

Првата е натписот на самото пакување: „Деликатес за домаќинки. Замотани за ваша безбедност“.

Многумина во тоа видоа сексуална асоцијација која не им се допадна, а која е знак, сметаат, на сексизам. „Смее ли тоа да го купи и некој друг освен домаќинка?“, „Дали сте озбилни?“, „Дали сум единствениот што помисли на најгадното веднаш штом го виде ова?“, гласат некои од најлутите коментари.

Дали е вкусна шегата и дали треба да стои на пакување на краставици, не навлегуваме. Но бидејќи е глупо човек да се нервира за хумор што не му се допаѓа, акцент ставаме на втората причина што ги налути „нетизените“ (од internet и citizen) – пластичната амбалажа…

Како што забележаа корисниците, краставиците се двојно пакувани во најлон – еднаш сите заедно, но и секоја од краставиците поединечно.

„Од секоја страна замотани во отровен материјал кој ја уништува нашата планета. Ништо овде не е поради безбедност“, „Колку пластика! Па ова е одвратно!“, „Само мене ли ми пречи што краставиците се замотани секоја посебно во пластика, па потоа сите заедно во уште пластика?“, се дел од коментарите на оние поеколошки настроените.

А ако од некакви вонредни причини сé уште не сте информирани за тоа колку пластиката, поточно пластичниот отпад, е штетен, доволно е да кликнете на тагот „пластика“ под текстов. Имаме доста пишувано на темата.

 

- Реклама -