Крајот на училишната година најтешко им падна на првачињата – раскажува наставничката Соња Спасова

За учениците, оваа учебна година заврши поинаку, тажно. Посебно за помалите. На 10-ти јуни, тие не ја доживејаа радоста помешана со меланхолија (затоа што неколку месеци нема да ги видат школските другарчиња) низ училишните ходници, а најмалите – првачињата, ќе треба да почекаат за да го запознаат чувството кога ѕвончето означува дека сте пораснале и сте научиле и веќе не сте првоодделенец. Вака  отприлика крајот на учебната година го опишува Соња Спасова – одделенски наставник на првачиња во ООУ „Никола Вапцаров“ во Струмица, која во разговор со порталот „Хаштаг.мк“ ги посочи предизвиците со кои децата и таа како наставник биле соочени поради пандемијата на Ковид-19.

Спасова вели дека се потрудила крајот на оваа училишна година, иако онлајн, барем малку да наликува на оној што го знаеме – со пеење на песничката „Догледање школо…“ и желби за убаво и среќно лето. Сепак, бидејќи предава на првачиња, кои во училишните клупи поминаа само едно полугодие, свесна е дека за нив е најтешко:

„Го започнаа второто полугодие, но, во еден момент им се промени сѐ. На 10ти март ни беше соопштено дека остануваме дома две недели, но за жал останаа дома до крајот на училишната година. Останавме дома токму кога се спремавме за осмо-мартовска програма, кога се спремавме за учество на струмичкиот детски карневал. Имавме многу планови, но одеднаш сѐ се промени.

Тогаш се соочивме со нов предизвик. Како да им ја објасниме новонастанатата ситуација? Како да им објаснам дека нема да има програма за мајките, нема да има детски карневал, иако маските и кореографијата беа спремни, а песните за мајките научени. Како да им објаснам дека нема да доаѓаат на училиште… Наидов на голем предизвик“, раскажува Спасова, која сепак има план како да ги израдува учениците и да им ја долови свеченоста на доделување на свидетелствата, ако истата не се одржи, со оглед на ситуацијата. Прочитајте го целиот разговор – ТУКА.

- Реклама -