Европската агенција за безбедност во сообраќајот предложи сите нови автомобили кои ќе бидат продавани на територијата на Европската унија да добијат граничник на брзината. Пратениците во Европскиот парламент го усвоија предлогот, па новата мерка би требало да стапи на сила во рок од 3 години, пренесува британскиот Auto Express.
Граничниците, наречени Intelligent Speed Assistance (ISA), ќе користат софтвер за препознавање на сообраќајните знаци, но и GPS податоци, со цел да ја одредат максималната дозволена брзина на одреден дел од патот, по што автоматски ќе ја ограничуваат моќта на моторот и брзината на возилото, спречувајќи надминување на пропишаната брзина.
Според проценките на Агенцијата, ISA системот ќе доведе до намалување на бројот на сообраќајни несреќи за дури 30%. Преведено во човечки животи, се очекува во првите 15 години од имплементацијата да бидат „спасени“ околу 25.000.