Си тргнала 70-годишна жена од Сиетл да земе нешто од гепекот на колата. Во следниот момент, тројца тинејџери ѝ впериле пиштол во главата: „Дај клучевите или ќе те убиеме“.
Женава им ги дала клучевите, дечурланава влегла во Kia-та, ама немало турирање на мотор, немало чкрипење на гуми, немало „избегале во непознат правец“.
Зошто? Зашто во Америка се навикнати на автоматски менувачи (автоматик, ако преферирате) и не им оди баш добро со рачен. Додека малешаниве се обидувале да сконтаат како се ракува со чудово, женава стоела до колата и се газела од смеење. Од прилогов се гледа дека им се смеел и цел комшилук.
На крај дечкиве фатиле да бегаат. Шлагот на тортата е што полицијата им ги има отпечатоците, земени од истиот тој проклет мануелен менувач.