И поранешниот шеф на грчката дипломатија, а воедно и „архитект на Преспанскиот договор“ (како што го нарекува „Катимерини“) – Никос Коѕијас, деновиве со мошне строго прекорување за европските лидери, откако Европскиот совет не даде зелено светло за почеток на пристапните преговори за членство на земјава.
На Твитер, Коѕијас порача дека не ни помислувал дека е можен ваков исход и ги искара ЕУ „лидерите“ (во наводници) за краткогледоста на ваквата одлука:
„Признавам дека верував дека сум помислил на сите можни сценарија околу Преспанскиот договор. Но не ја земав адекватно во предвид краткогледата, неодговорната, без визија и нестратешка политика на ЕУ ‘лидерите’ кои не сфаќаат со што се соочува Европа околу Брегзит, Сирија, Босна, Косово и источното Средоземно море“, пишува Коѕијас.
„Додека Сирија гори, ЕУ има недостиг од стратешка визија. Пристапните преговори со Северна Македонија мора да почнат сега. Опипливата поддршка за Договорот од Преспа и стабилноста на Југоисточна Европа се императив. Во спротивно, ЕУ ќе биде одговорна за било какви нови компликации во нашето соседство“, додаде Коѕијас во вториот твит.