Од 8-те милијарди и 175 милиони евра што Владата ги најави во Интервентниот план за инвестиции за 2021-2027 година, 3 милијарди и 144 милиони евра се планирани во секторот за енергетика. Голем дел од тие проекти ќе ги спроведе АД ЕСМ, самостојно или преку вклученост преку моделот на јавно-приватно партнерство.
Од АД ЕСМ велат дека инвестициите во РЕК Битола во следниот период се во рамките на предвидената енергетска трансформација на комбинатот и движењето кон зеленото сценарио. Тука спаѓаат когенеративната гасна електрана со моќност од 200-400 мегавати која ќе се користи и за производство на електрична енергија, како и за топлификација на Битола, и која ќе биде супституција за два од блоковите на РЕК Битола.
Планираниот почеток на работа на оваа инвестиција е по завршувањето на грејната сезона 2025/2026 година. Вредност на инвестицијата во прва фаза ќе изнесува околу 100 милиони евра, односно вкупно 200 милиони евра.
Во склоп на РЕК Битола ќе се градат и фотонапонски електрани, кои исто така се влезени во интервентниот план за инвестиции, затоа што зелената енергија е составен и исклучително важен дел од нашиот концепт за вложување во енергетиката.
На почеток ќе бидат изградени 2 фотонапонски електрани од по 10MW и една фотонапонска електрана од 40 MW. Овие капацитети ќе бидат во целосна сопственост на АД ЕСМ, односно на државата.
Дополнително ќе се гради уште еден капацитет од 100 мегавати однснсо две фотонапонски електрани од по 50MW, и тие ќе бидат изградени преку принципот на јавно-приватно партнетство, односно ќе бараме приватни партнери како што е тоа сега случај во РЕК Осломеј, каде што сме пред потпишување договор со компании од Турција и Бугарија, а за кој проект добивме особена пофалба од Европската енергетска заедница за успешно спроведување и на процесот на енергетска и на социјална транзиција.
Овие 160 мегавати фотонапонски електрани ќе бидат со вредност од околу 110 милиони евра.
Друг значаен проект за градот Битола и околните населени места Новаци и Могила кои гравитираат кон РЕК Битола е Топловодната мрежа чија вредност е околу 35 милиони евра, посочува директорот на АД ЕСМ – Васко Ковачевски.
„Можам да кажам дека проектот е пред избор на изведувач, очекуваме до крајот на месецот да потпишеме договор со избрана фирма и во текот на летото, а најдоцна есента топловодната мрежа да почне да се развива.
Овие три проекти кои ги наведов, гасната електрана, фотонапонските електрани и топлификација Битола кои ќе бидат инвестиција во вкупна вредност од 350 милиони евра од страна на АД ЕСМ и на државата за Битола и за регионот, во делот за екологијата и енергетиката.
Целта на сите овие проекти е да се засили енергетската трансформација која е во тек и за која имаме највисоки оценки како држава од страна на европската енергетска заедница и да се вложи во обновливи извори на енергија низ државата, но и во регионот, и на тој начин да се обезбедат потребните количини електрична енергија за потрошувачите на начини кои се помалку ќе загадуваат и ќе бидат се повеќе одржливи и одговорни кон околината, што е наша определба како енергетска политика.
Уште еднаш потенцираме дека нашата политика со овие инвестиции се темели на два столба: Да ја зачуваме енергетската стабилност на државата и истовремено да ја заштитиме околината и здравјето на граѓаните“, истакна Ковачевски.