Ковачев: Да им се одземат бугарските државјанства и јавно да бидат објавени Македонците што шират омраза кон Бугарија

„Ние сакаме да има транспарентност по тоа прашање. Можеби знаете дека според процедурата за добивање на бугарско државјанство по потекло, вклучува и Декларација во која што кандидатот декларира дека има бугарска самосвест, бугарски идентитет, а според таа Декларација се носи и казнена одговорност според членот 313 од Казнениот кодекс на Република Бугарија. Тука се разбира е и декларацијата дека неговите родители, предци биле Бугари. Биле дел од бугарската заедница во бугарски села и градови, во Егејска и Вардарска Македонија. Секој кандидат што добил бугарско државјанство го докажал своето бугарско потекло по мајка, по татко или по двете линии. И самиот тој декларирал во посебна Декларација дека самиот тој се чувствува како Бугарин. Овде зборуваме за повеќе од 120.000 македонски државјани, кои имаат двојно државјанство од кое бугарското го добиле по потекло. За нас е многу непријатно кога такви луѓе што декларирале дека се Бугари и докажале пред бугарската држава дека се Бугари, потоа работат против Бугарија и не работат за добрососедството“, вели бугарскиот европратеник и заменик претседател на Европската народна парија (EPP) – Андреј Ковачев, во интервју за „Трибуна.мк“, прашан дали Бугарија размислува за одземање на бугарските државјанства на лица кои „активно се служат со говорот на омраза кон Бугарија заради некој нивен личен интерес“.

„Секој што сака и се смета за Бугарин може да добие бугарско државјанство, за тоа нема никаков проблем, но не треба да го злоупотребува тоа против Бугарија кога самиот се декларирал како Бугарин. Сум истакнувал и порано дека треба да има транспарентност, посебно за тие што злоупотребуваат, бидејќи тие декларирале дека имаат бугарско потекло и бугарски идентитет. Ако направиле тешки прекршоци, се разбира и дека треба да има одземање на бугарското државјанство.

Неколку пати сум истакнувал дека треба да има контрола и транспарентност. За значајни за општеството прекршоци против Бугарија на такви луѓе, ако тие продолжуваат константно да зборуваат против бугарскиот идентитет на Гоце Делчев на пример, и негираат работи коишто се општо познати во историјата, манипулираат со нив, шират омраза кон Бугарија, тие луѓе не само што треба јавно да бидат објавени како бугарски државјани, туку и нивното државјанство да биде одземено. Јас не сум дел од бугарскиот парламент, не знам кога и како ќе се случи тоа, но со сигурност ќе се случи“, додава Ковачев, прашан кога Бугарија ќе почне да ги одзема државјанствата на овие лица, како што предвидува членот 22 од Законот за бугарско државјанство.

„Има закони за тоа. Кога некој ќе докаже дека е со бугарско потекло и декларирал дека се чувствува Бугарин, тој може да добие бугарско државјанство. Ако тој човек шири омраза против Бугарија и не допринесува по никаков начин за добрососедството, моето мислење е дека неговото бугарско државјанство треба да се одземе. Сето тоа стои во бугарскиот закон и истиот треба да биде спроведуван“, категоричен е бугарскиот европратеник, прашан дали Бугарија треба да ја засили контролата за тоа кој, како и зошто добива бугарско државјанство. Целото интервју, во кое се опфатени и други теми од односите меѓу Бугарија и Македонија, прочитајте го ТУКА.

- Реклама -