„Ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европска интеграција. Ако пак ја изгубиме македонската држава, нема да постои државен ентитет да се интегрира во ЕУ. Така ЕУ ќе нема што да интегрира, а ние што да одбележуваме и прославиме. Имаме визија и капацитет да одговориме на актуелните предизвици“, рече претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев на одбележувањето на 54 годишнината на Академијата.
Тој истакна дека ни е потребен нов фундаментален договор за државните интереси, поддржан од релевантните политички субјекти, независно дали се на власт или во опозиција. На тоа, како што рече, нѐ обврзуваат и двата јубилеја кои ги славиме оваа година, одбележувањето на 30 години од независноста на државата и 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески.
„Ако во изминатите 30 години бевме сведоци на ерозија и на уништување на македонската држава, вклучувајќи ги тука науката, уметноста, културата, образованието, здравството, судството, економијата, јавната администрација, македонската мисла и интелигенција или кажано со еден збор сѐ, тогаш неминовно се наметнува прашањето, како понатаму? Ако секоја досегашна влада нудеше сѐ понови и сѐ поиновативни пристапи во разнебитувањето на македонската држава, зарем не е време да се каже – вака повеќе не може“, рече академик Коцарев.
Тој потенцира дека ако и наредната влада од која било провениенција продолжи со, како што рече, деструктивни и коруптивни политики, тогаш треба да се соочиме со реалноста и со предизвиците на државата која неумоливо тоне.
„Ние како членови на највисоката научна и уметничка институција во државата не можеме да бидеме неми сведоци на ваквите тенденции, да не предупредуваме и да не нудиме решение и визии“, нагласи Коцарев.
Тој рече дека непристрасна анализа на неодамнешните говори на поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов и на актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски, кажани на свечениот научен собир, укажуваат дека на државата ѝ е потребен нов фундаментален договор со широк национален и државен консензус, поддржан од релевантните политички субјекти во континуитет независно дали се на власт или во опозиција, во кој треба да се вклучи и академската и интелектуалната јавност.
„За жал, историјата на современата македонска држава нѐ учи дека вториот дел од пораката нема лесно да се оствари. Во 1997 година МАНУ издаде национална стратегија за економски развој подготвена од 100 научници, експерти и деловни луѓе. Таа остана непрочитана, нереализирана, незабележана, само од една причина – таа не беше поддржана од оние на кои им беше упатена и кои требаше да ја реализираат – политичките центри на моќ“, рече академик Коцарев.
Тој нагласи дека истото се случило и во 2021 година кога МАНУ и сите образовни-научни институции јасно искажаа недоверба во реформите на образованието, но тие сепак се имплементираат.
„Оттука, дури и да се осмисли документ за развој на македонската држава и да се напише и да се предложи акциски план со конкретни чекори за негова имплементација, за жал не верувам дека тој ќе биде поддржан од политичките субјекти во подолг временски период, оти интересите на политичките елити не се државнички, туку лични и партиски, рече Коцарев“, кој потенцира дека е нужно будење на колективниот ум.
Претседателот на МАНУ предлага ограничување на ингеренциите на извршната власт во подрачјата кои според Уставот се утврдени како автономни сфери на општеството, како што се образование, наука, култура, здравство и друго.
„Предлагам да се донесе закон со кој ќе се одземат ингеренции на МОН да изготвува стратегии за развој за образование и наука, или да подготвува реформи во образовниот и научниот систем. Второ, стратегиите реформите во синергија ќе ги подготвуваат МАНУ, универзитетите и стопанските комори. МОН ќе биде обврзан да ги имплементира така подготвените стратегии и реформи“, рече Коцарев.
Во рамки на одбележувањето беше доделено меѓународното признание „Блаже Конески“ на годинашните добитници Елена Верижникова и Фрсоа Пејоска-Бушро. Пригодни говори по повод доделувањето на признанието одржаа Марјан Марковиќ и Катица Ќулавкова.
МИА