Костовски: Стечајот на „Еуростандард банка“ е смислено сценарио, тие што знаеле си ги повлекоа парите

Кривични пријави за поранешниот Управен одбор на „Еуростандард банка“ и постапка пред Арбитражен суд во која ќе ја тужат државата за покренување на стечајна постапка од страна на Народната банка – најави денеска Трифун Костовски, најголемиот акционер во „Еуростандард Банка“, на прес-конференција заедно со неговиот син Коста.

Тие обвинија дека се работи за смислено сценарио кое било подготвувано со месеци наназад, за никој да не знае, освен блиските на одредени кругови во Народната банка кои знаеле што ѝ претстои на „Еуростандард банка“, кои, според Костовски, биле известени да си ги повлечат парите. Притоа, тој потенцираше дека тука не треба да се вмешува министерката за финансии – Нина Ангеловска, бидејќи таа, како што рече, е стар клиент на банката.

Како што посочи синот Коста Костовски, во еден ден почнале да се повлекуваат депозити, да се префрлаат средства од сметки на други сметки. Првично, вели, не знаеле што се случува, за потоа да дознаат дека Народна банка имала состанок со Македонска Пошта каде протекла информација до подружниците на Пошта.

Костовски велат дека не знаат кој стои зад сценариото, но вината за пропастот на „Еуростандард банка“ ја посочија во  претходното раководство, односно во членовите на претходниот Управен одбор и неговиот претседател – Николче Петковски. Според Костовски, тие „ги пренеле жедни преку вода“ и „ги наместиле“ како жртвени јагниња, односно луѓе за отстрел.

Костовски ја обвини и актуелната гарнитура на Народна банка, која, според него, е бирократска, некомпетентна и избрзала со одлуката за стечајот, која тој ја опишува како ситуација во која „за кило месо – убиваш цел вол“. Тврди дека можеле да ја спасат „Еуростандард банка“, но дека тоа им било оневозможено со тоа што не им се дозволило да работат една година:

„А какви можеме да бидеме на пазарот, кога една година сме комплетно блокирани да работиме со правни и приватни лица. Дури и така блокирана, 26 отсто од вкупниот платен промет се одвиваше преку Еуростандард банка заедно со Македонски пошти“, рече Костовски за медиумите, додавајќи дека затоа изјавил дека подобро ќе било да им ја одземат дозволата пред една година.

Тој обвини и дека Народна банка не дозволила дури ниту сериозниот потенцијален инвеститор, кој бил заинтересиран да ја извлече „Еуростандард банка“ од кризата, а кој го најавиле пред два месеца, да ја почне постапката. За Костовски е посебно сомнително што инвеститорот требало да ја даде понудата на 14 август, а стечајот Народната банка го соопшти само два дена порано, на 12 август. Тоа е причината што тие се сомневаат во смислено сценарио, но и некомпетентност на Народната банка, рекоа на прес-конференцијата.

Трифун Костовски дури ја спореди ситуацијата и со Холокаустот: „Ако постоел холокауст, јас ова го чувствувам како холокауст од Народна банка бидејќи заедно со нас повлековме цела дузина правни лица“.

Според него, со овој случај неговото семејство го изгубило угледот, но и 60 до 70 милиони евра. Сепак истакна дека многу му е жал и за клиентите, кои исто така изгубиле многу.

Како што рекоа, Костовски правдата ќе ја бараат пред меѓународните институции, со оглед дека „Еуростандард банка“ е странска инвестиција, а сите средства што ќе ги добијат, ќе бидат наменети за раздолжување со клиентите, граѓаните и фирмите депоненти.

 

- Реклама -