Костадиновска Стојчевска: На некогашните простории на тетовската библиотека ќе се смести Европската куќа

„Не е точно дека се помали просториите во кои е сместена НУ Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово. Напротив, установата има и помошни простории на следниот кат во Центарот за култура. Во просторот каде што беше библиотеката сега ќе се смести Европската куќа и тоа ќе помогне за збогатувањето на културниот живот“, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Таа денеска за време на нејзината работна посета во Општина Тетово во одговор на новинарско прашање изјави дека депото во новиот објект е веќе готов и дел од книжевниот фонд е сместен таму, а самата библиотека до крајот на 2027 година треба целосно да се пресели во новиот објект.

„Навистина многу м е жал што една дејност како библиотечната беше злоупотреба за некои други цели, а не за културата. Она што се случи всушност со НУ Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово е тоа што се премести во нови простории, кои воопшто не се помали како што беше известувано на неколку наврати. Установата доби ист простор, а дури доби и плус помошни простории на следниот кат во Центарот за култура“, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа додаде дека сместувањето на Европската куќа на простор каде што престојувала библиотеката, е нешто што на овој град му треба и тоа ќе помогне во збогатување на културниот живот.

„Тоа дека условите се далеку од добри за работа нема да дозволам никој да го тврди, затоа што јас лично бев тука неколку пати и со архитектите и со евроамбасадорот Гир. Затоа, замолувам политиката повеќе да не се меша во културата и да не се мешаат ничии други интереси во културата. Културата е за сите и над сите политички определби. Овде се работи за ослободување на простор за да може Центарот за култура да се облагороди со една институција од европски размери како што е Европска куќа“, додаде министерката.

Извор: mia.mk

- Реклама -