Косплеј – новата форма на расизам

Полицијата во Aberaeron, Велс, истражува една од маските на градскиот карневал, под сомневање за расизам. Што всушност е спорната маска? Четворица бели мажи со обоени црни лица, облечени како членови на бобсанкачки тим од Јамајка.

Секој што има пуштено телевизор бар двапати во животов ќе познае за што се работи – инспирацијата за маската доаѓа од еден од омилените филмови на неколку генерации – Cool Runnings од 2003 година, комедијата делумно инспирирана од првиот настап на јамајканскиот тим во боб-санкање на зимските олимписки игри во Калгари во 1988 година. Маживе продефилирале со картонска боб-санка со јамајкански шари, со јамајканско знаме и перики и лажни суканици. На „санката“ дури им била испишана и реплика од филмот: „Feel the Rhythm! Feel the Rhyme! Get on up, it’s bobsled time!“.

https://youtu.be/xWBcaQxmPlY

Дел од публиката реагирал со воодушевување, ама ете, полицијата примила и поплаки за расизам.

Дина Мулхоланд, кандидат на лабуристичката партија на претстојните избори, на Фејсбук пиша дека е „крајно згрозена“ од ваквата глетка на карневалот. „Како, по ѓаволите, ова може да биде сметано за прифатливо, па дури и легално, од страна на организаторите на карневалот?“, се почуди белата жена во години, која во слободно време е активист и посветена мајка на деца кои, самоуверено претпоставуваме, се фанови на филмот.

И посетител на карневалот коментира дека бил малку шокиран. „Може ќе беше во ред ако не ги обоеле лицата, според мене, ама да го направиш тоа во ова денешно време не може да е во ред… Верувам дека мислеле дека ќе биде забавно, а и публиката уживаше во нивниот танц, но сметам дека полицијата е во право што го разгледува ова“.

https://youtu.be/tI_ZJLkz2NM?t=289

За среќа, не сите се потресени од обоените лица. Лук Самерфилд, уште еден гостин од публиката, Е потресен, но од апсурдноста на ситуацијата: „И што, сега живееме во ера кога не смееме да се облечеме како нашите омилени филмски ликови? Вие (тие што видоа расизам) создавате поголем проблем, отколку што придонесувате за хармонија“.

Во меѓувреме, комитетот што го организираше карневалот одби да коментира, што е и најмалку што може да направи. Но, сепак, дали ќе има и каква ќе биде реакцијата е ирелевантно. Ирелевантно е и што ќе одлучи полицијата, и дали луѓево ќе бидат казнети. Ирелевантно е во смисла дека штетата е веќе направена дури и со самото кревање еуфорија околу ваква наивна работа.

Sanka, ya racist, mon? Yes, mon.

Тоа што е релевантно е дека сакајќи да бидат филантропи во очите на другите, душегрижниците изродија нова човечка раса што навистина заслужува да ја мразиш – раса на серковци што секогаш ја уништуваат забавата, параноично барајќи расизам (и други контроверзни -изми) каде што најмалку го има. Во нив спаѓаат и црнците што се лутат што четворица белци си ги обоиле лицата за да личат на Јамајканците од Cool Runnings, но и сите белци што би се лутеле ако четворица црнци би си ги обоиле лицата бели за да личат на Флинстонс, на пример. За среќа, сега за сега – такви има малку. За несреќа, се множат.

* Патем, за тие двајца што не знаат, „косплеј“ (cosplay – од costume play) e токму тоа, маскирање во фиктивен лик од омилен филм/серија/книга.

- Реклама -