Косовско МНР: Судот во Скопје одлучи Блерим Рамадани да не биде екстрадиран во Србија

Барањето на Србија за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК беше и една од темите за кои премиерот Христијан Мицкоски разговараше на последната посета со неговиот косовски колега Албин Курти

Советот на Основниот кривичен суд во Скопје одлучи да не го екстрадира поранешниот припадник на ОВК Блерим Реџепи во Република Србија, информира косовското Министерство за надворешни работи, а пренесуваат косовските медиуми. Блерим Рамадани, беше уапсен во јули годинава на граничниот премин „Јажинце“ врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од страна на Република Србија. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

Основен кривичен суд Скопје

Од МНР на Косово, како што пренесуваат тамошните медиуми, велат дека поранешниот припадник на ОВК ќе остане во домашен притвор во Скопје до правосилната пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

„Министерството за надворешни работи и дијаспора на Република Косово ја информира јавноста дека Советот на Основниот кривичен суд Скопје одлучил да не го екстрадира нашиот државјанин Блерим Рамадани“,

се вели во соопштението од косовското МНР.

Српскиот министер Ивица Дачиќ за време на посетата на гранишниот премин Табановце кон крајот на минатиот месец побара од властите во земјава да го екстрадираат Рамадани на Србија.

Барањето на Србија за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК беше и една од темите за кои премиерот Христијан Мицкоски разговараше на последната посета со неговиот косовски колега Албин Курти.

За косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свечла, барањето на Србија за екстрадиција на Рамадани е криминално барање, потенцирајќи дека Србија нема законска основа ниту во меѓународното право „да го отежнува движењето на граѓаните“.

Поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани беше приведен на 17 јули 2024 година на граничниот премин „Јажинце“, меѓу Косово и Македонија и веднаш беше префрлен во затворот Шутка во Скопје. На барање на Обвинителството за организиран криминал прво му беше одреден екстрадициски притвор од 30 дена.

На 1 август тој е пуштен во домашен притвор во Скопје каде ќе остане до 16 август.

Според косовските медиуми, Рамадани е третиор државјанин на Косово, кој како поранешен војник на ОВК е уапсен во земјава по потерница распишана од Република Србија.

- Реклама -