Косовско МНР: Пред да побегне, на Рамадани во Скопје му беше сменета мерката од куќен во ефективен притвор

Од косовското МНР за порталот „Газета експрес“ изјавија дека информацијата за промената на безбедносната мерка за Рамадани ја дал неговиот адвокат. Оттаму додаваат оти немаат други официјални информации од македонските власти

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека од косовската амбасадата во С Македонија е информирано оти властите во земјава ја смениле безбедносната мерка на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани од „куќен притвор“ во „притвор“ пред да избега од домашниот притвор кој го издржувал во куќата на свои роднини во Скопје, јави дописникот на МИА од Приштина.

Од косовското МНР за порталот „Газета експрес“ изјавија дека информацијата за промената на безбедносната мерка за Рамадани, кој беше уапсен врз основа на меѓународна потерница, ја дал неговиот адвокат.

„Амбасадата на Република Косово во Северна Македонија е известена од адвокатот на г. Рамадани дека безбедносната мерка му била преиначена од куќен притвор во притвор, во времето кога ја чекаше одлуката на Врховниот суд“,

велат од косовското МНР.

Оттаму додаваат оти немаат други официјални информации од македонските власти.

„Потсетуваме дека, според нашите информации, Основниот кривичен суд Скопје на 8 август одлучи да не го екстрадира Блерим Рамадани во Србија. Во наредните денови ја чекаше конечната пресуда на Врховниот суд“,

се додава во соопштението на МНР на Косово.

Македонското МВР денеска ја потврди информацијата дека од поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани, за кого Србија има распишано потерница и бара екстрадиција, побегнал од куќен притвор.

Телевизија 21 вечерва објави дека Рамадани можно е веќе да се наоѓа во родниот град во Косово. На социјалната мрежа Фејсбук е објавена фотографија од Блерим Рамадани со извесен Несрет Шашивари, кој во објавата се претставува како негов внук. Во постот се вели: „Чичко Блерим Рамадани, добредојде дома, во нашиот роден град“.

Човекот од фотографијата во разговор со новинар од ТВ 21 не негирал дека фотографијата е направена денеска, но одговорил и дека тој не е должен да дава вакви информации, а од телевизијата додаваат дека и покрај сите информации, се уште не можат во целост да потврдат дали информациите се веродостојни.

- Реклама -