Американскиот експерт за Балканот – Даниел Сервер, очекува САД да извршат притисок врз Косово со цел да се овозможи Русија да биде вклучена во процесот на дијалог со Србија.
За „Коха“, Сервер ја коментираше изјавата на Дик Кастин – портпарол на претставникот на претседателот на САД за дијалог меѓу Белград и Приштина – Ричард Гренел, кој рече дека „Русија и било кој друг кој има идеи за мир, стабилност и просперитет (во тој дијалог) е добредојден“. Според Сервер, Приштина тоа не треба да го дозволи.
Коментарот на Кастин се однесуваше на изјавата на рускиот амбасадор во Белград – Александар Боцан-Харченко, кој рече дека конечниот договор треба да биде донесен преку Советот за безбедност на Обединетите нации, да се усвои нова резолуција која ќе ја замени Резолуцијата 1244 и кој најави дека Русија ќе се вклучи во процесот ако Србија тоа го побара.
„Косово може да се соочи со голем притисок од САД да дозволи Русија да се вклучи во процесот, што може да се види од изјавата од канцеларијата на Гренел дека ‘сите се добредојдени’ “, рече Сервер и додаде дека во тој случај „Пришина би требало јасно и недвосмислено да се соочи со катacтpoфален предлог за поделба“.
Рускиот амбасадор во Белград исто така изјави дека размената на територии и другите идеи „можат да ги проценат само Приштина и Белград“.
Според Сервер, прашањето за размена на територија ѝ одговара на Русија, која сака да ја оправда анексијата на Крим од Украина и создавањето на „марионетска држава“ во Грузија и Молдавија.
„Русија би требала да се вклучи само ако Приштина се согласи, а тоа не би требало да се случи сѐ додека Русија не го признае Косово како независна и суверена држава во сегашните граници. Јасно е дека Русија бара територијално решение кое ќе помогне да се оправда анексијата на Крим и создавањето на марионетски држави во Јужна Осетија, Абхазија и Приднестровие“, рече Сервер.
извор: Б92