Новите полимерни британски банкноти можеби ќе вродат со неочекуван позитивен (за кого како) ефект – ќе го намалат бројот на луѓе кои шмркаат кокаин.
Откако беа пуштени во оптек, новите пластифицирани банкноти оставија многумина со исечени носеви. Феноменот е веќе толку познат меѓу „шмркачите“, што има и свој термин – „Винстониран“ (како стониран, ама од Винстон Черчил, чија слика е на парата). По нашки слободно можеме да речеме и „Черчилосан“.
Новата текстура на пластичната банкнота од 5 фунти е многу поцврста од претходните, кои патем излегоа од оптек минатиот петок. И нормално (или не баш), корисниците на кокаин се лути и гласно го изразуваат својот револт.
Еден од нив, од Бирмингем, вели: „Мислев дека сум единствениот што сум си го исекол носот од новиот фајвер (од „фајв“ – пет). Но кога му ја соопштив својата агонија на пријателот, тој ми кажа дека сум всушност Винстониран, и дека им се случува на сите“.
Пријателот му објаснил и пар други работи. На пример, дека „на почетокот сите мислеа дека новите фајвери се подарок од Бога за шмркањето, бидејќи се виткаат перфектно и не е страшно ако ја позајмиш (за шмркање) и не ти ја вратат. Сега, претпоставувам, луѓето сфаќаат дека ако нешто изгледа премногу добро за да биде вистинито, обично не е“.
Винстонирањето, освен со исечениците по носот, доаѓа во пакет и со стандардните ризици од шмркањето кокаин, но во поголем размер, ама и со бонус. На пример, се очекува да го зголеми ширењето на инфекции меѓу корисниците. Young People’s Drug and Alcohol Service објави предупредување кое гласи вака:
„Ако споделуваш цевки или банкноти, крвта од претходниот корисник може да биде апсорбирана преку слузокожата на носот, заедно со дрогата. Ако оваа крв е инфицирана со Хепатитис Ц или ХИВ, постои ризик од заразување. Колку поголема е раната во носот и колку повеќе користиш, толку поголем е ризикот“.
Во нормален свет, корисниците на кокаин би биле екстра внимателни (а можеби и не би биле корисници, за почеток) околу новите ризици. Во ваков свет како нашиот, не е чудно по некое време Британија да ги повлече пластифицираните банкноти, откако ќе се случи бум во заразата со ХИВ.